• сабота, 23 ноември 2024

Македонска филхармонија гостува во Подгорица и во Дубровник

Македонска филхармонија гостува во Подгорица и во Дубровник

Скопје, 4 јули 2023 (МИА) - Оркестарот на Македонската филхармонија вечер  гостува во Подгорица, а во четврток, на 6 јули, во Дубровник.

Во Подгорица концертот ќе се одржи во Музички центар на Црна Гора, а во Дубровник, оркестарот на Филхармонија ќе настапи во „Књежев двор“.

На програмата се Концертот за пијано и оркестар бр. 2 од Камиј Сен-Санс, „Пајдушко“ од македонскиот композитор Филип Иванов и Симфонија бр. 4 од Лудвиг ван Бетовен, а на концертот во Дубровник ќе биде изведено и делото „Идила“ од хрватскиот композитор Благој Берса. Диригент е Борјан Цанев, а како солистка ќе настапи македонската пијанистка Марија Ѓошевска.

- По успешното гостување во Белград и Ниш, сега следува турнеја во Црна Гора и во Хрватска, каде знам дека повторно ќе се претставиме во одлично светло и ние како институција, и секако нашата држава. Гостувањето во Хрватска го реализираме на покана на Симфонискиот оркестар во Дубровник, додека во Подгорица, настапуваме благодарение на несебичната поддршка на Министерството за култура на Црна Гора и црногорската амбасадорка во РС Македонија Марија Петровиќ. Од огромно значење е и ова меѓународно претставување како круна на концертната сезона која беше исполнета со голем број на успешни настани, вели директорката на Филхармонија Тина Иванова, потенцирајќи дека е среќна што Македонската филхармонија чекори гордо по патот којшто го зацрта. ир/лв/

 

Фото: Македонска филхармонија 

Остани поврзан