• среда, 25 декември 2024

Македонска премиера на „Македонисимо“ на Симон Трпчески и пријателите со три концерти

Македонска премиера на „Македонисимо“ на Симон Трпчески и пријателите со три концерти
Скопје, 2 септември 2022 (МИА) - По пет години од светската премиера на престижниот музички фестивал во Лудвигсбург, Германија и освојување на светските музички меридијани со музичкиот материјал изнедрен од плодната македонска почва, нашиот пијанист Симон Трпчески на денешната прес-конференција во „Пијано центар“ ја најави и македонската премиера на интернационалниот музички проект. Македонската премиера на „Македонисимо“, што на оригинален начин обработува македонска народна музика, ќе ја има на 14 септември од 20 часот на платото пред Националната опера и балет во Скопје. Следните изведби се предвидени за во Штип на 25 септември и Битола на 26 септември. - „Македонисимо“ конечно си доаѓа дома. Јас сум навистина горд што ќе имаме можност да го претставиме овој проект на македонската публика, на народот на којшто овој проект е посветен, токму како што беше споменато на петгодишнината од светската премиера која што се случи во Германија, изјави Трпчески на денешната прес-конференција. Како што рече, овој проект зачнал одамна во неговата глава. - Проектот „Македонисимо“ зачна одамна во мојата глава, можам слободно да кажам и во моето срце, бидејќи јас сум задоен, па пораснат со народната музика. Имено, мојата прва љубов е хармониката и на тој начин секогаш била вткаена дури и во целосното мое образование како музичка личност, целосното музичко образование кое што јас го стекнав во Македонија и отсекогаш верував дека потенцијалот што нашата народна музика го има доколку се преточи во еден поинаков музички јазик, да речам првенствено којшто доаѓа од класичниот музички свет може да се носи рамо до рамо и со самата класична музика на која што јас сум претставник, рече тој. Трпчески и пријателите ќе го изведат албумот „Македонисимо“ кој е во издание на британската етикета „Лин Рекордс“. Станува збор за проект во чии рамки на оригинален начин се обработува македонската народна музика од страна на нашиот композитор, Панде Шахов. Тимот на „Македонисимо“ квинтетот го сочинуваат и Александар Краповски на виолина, Александар Сомов на виолончело, на кларинет, саксофон и на кавал Хидан Мамудов, а зад удиралките е Влатко Нушев. Сите три изведби, публиката ќе може да ги проследи бесплатно, а со оваа домашна турнеја ќе се одбележи и 15-годишнината на Здружението за култура и уметност „КултурОп“, чија основна задача е токму поддршката на нашиот пијанист од светски глас. - Светската премиера на оркестарската верзија на „Македонисимо“ како што информираа ќе биде на виенскиот „Музикферајн“, сцената на која се одржува традиционалниот Новогодишен концерт. „Македонисимо“ квинтетот предводен од Трпчески на оваа престижна сцена на 2 март 2023 година од 20 часот ќе го придружува австрискиот Тонкунстлер оркестар, а под палката на нивниот шеф-диригент, маестро Јутака Садо од Јапонија, информираат од КултурОп. Генерален покровител на концертите е Македонската радио телевизија, а ексклузивни спонзори се „Алкалоид“ АД Скопје, Македонски Телеком и Пантелеон ГС. ар/аа/  

Остани поврзан