• четврток, 19 декември 2024

Македонска премиера на Деветтата симфонија на едно пијано од Дино Имери

Македонска премиера на Деветтата симфонија на едно пијано од Дино Имери
Скопје, 8 ноември 2022 (МИА) - Пијанистот Дино Имери вечер, во 20 часот, во Камерната сала на Филхармонија ќе ја изведе Деветтата симфонија оп. 125 од Лудвиг ван Бетовен - едно од најмонументалните и најзначајни дела во целокупната музичка историја во оригинал напишано за симфониски оркестар, хор и вокални солисти. Имери ќе ги изведе сите тие делници на само едно пијано, изведувајќи го премиерно аранжманот на титанот на пијаното - Франц Лист. Овој подвиг е вистинска реткост на светската сцена, додека пак е прв од ваков тип во земјава. Аранжманот за пијано се смета за едно од најкомплексните дела кои можат да се отсвират на овој инструмент, а публиката ќе има можност да го слушне пијанистот Имери по неговите фантастични успеси во престижната концертна сала „Коларац“ во Белград каде настапи со нашата Филхармонија и маестро Габриел Бебешелеа, како и по неговата шеста соработка со Софиската филхармонија и маестро Љубомир Денев Помладиот, која резултираше со концерт во Софија. Деветтата симфонија првпат е изведена на 7 мај 1824 година, а Бетовен ја пишувал интензивно меѓу 1822-1824. Неговите скици покажуваат дека тој напишал преку 200 теми базирани на текстот на Ф. Шилер  „Ода на радоста“ во обид да ја најде вистинската - онаа која денес сите ја препознаваме. Неговата Деветта симфонија во себе содржи бројни иновации кои не се надминати до денешниот ден. Токму оваа Симфонија е прва која вклучува хор, вокални солисти и оркестар - нешто што не било чуено или помислено до тогаш. Дино Имери, од критиката наречен „магионичар на пијаното“ ќе го изведе аранжманот на Лист, на кој тој работел повеќе од 15 години. По бројните неуспешни обиди, Лист најпрво ја обработува симфонијата за две пијана, а потоа успева да го направи аранжманот за едно пијано кој е во репертоарот на мал број од вистинската пијанистичка елита на уметници кои  се сметаат за раритет во чии концерти уживаат сладокусците на нивната уметност. сх/мд/

Остани поврзан