Македонската филхармонија добила поддршка од колегите од Белградска филхармонија
- Вработените во Македонската филхармонија, денеска добија поддршка од своите колеги од Белградска филхармонија да истраат во борбата за законски избор на најквалификуван, а не партиски договорен кандитат за директор.

Скопје, 6 март 2025
Вработените во Македонската филхармонија, денеска добија поддршка од своите колеги од Белградска филхармонија да истраат во борбата за законски избор на најквалификуван, а не партиски договорен кандитат за директор. Во моментов и музичарите од Белградска филхармонија се во штрајк, и тие, како и нашите вработените во Филхармонија бараат транспрентен конкурс за избор на директор, но и поголеми плати.
„Музичарите од Белградската филхармонија им даваат целосна поддршка на своите колеги од Македонската филхармонија во нивната борба за законски и транспарентно спроведен конкурс за избор на директор.
Сосема ни е јасна вашата битка, зошто во моментов со ист проблем се соочуваме и ние. И нашата држава, како и вашата треба да бидат свесни дека не може да постои здраво општество, доколку граѓаните ја изгубат својата верба во институциите на системот и ако културата и уметноста постојано се туркаат на маргините.
Многу добро знаеме и ние, и вие, колку е важно кој ќе застане на чело на нашите институции, зошто тоа го одредува патот по кој ќе се движиме во иднина. На вашата држава треба да и биде јасно дека Македонска филхармонија не е прекрасната нова концертна сала, на која ви завидуваат колегите од регионот, туку музичарите кои работат во неа. И дека вам, а не на концертната сала, ви е потребен квалификуван и вешт менаџер, а не партиски поставен директор без критериум и со заобиколување на законските нормативи.
Се надеваме дека ќе истраете во вашата борба и дека ќе се изборите Македонската филхармонија да добие нов директор на законски и транспарентен начин.“
Македонска филхармонија
Фото: Македонска филхармонија
__________________________________________________________
МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки.