• вторник, 24 декември 2024

Македонската репрезентација во борење се подготвува за ЕП во Унгарија

Македонската репрезентација во борење се подготвува за ЕП во Унгарија
Кочани, 22 март 2022 (МИА) – Членовите на македонската боречка репрезентација во сениорска конкуренција од денеска во Кочани ги почнаа подготовките за претстојниот настап на Европското првенство, што ќе се одржи во Унгарија. На повикот на селекторот Бобан Данов се јавија сите репрезентативци во неколку тежински категории, кои кондициските и техничко-тактичкото вежби ги реализираат во салата на боречкиот клуб „Спартак“. – На Европско првенство во борење за сениори, што ќе се одржи од 28 март до 2 април во Будимпешта, нашата репрезентација ќе настапи со пет борачи. Довербата им ја дадов на Владимир Егоров во категорија до 57 кг, потоа на Бесир Алили до 61 кг, Фати Вејсели до 70 кг, Дејан Митров до 79 кг и на Магомедгаџи Нуров во категоријата до 97 кг. Конкуренцијата на првенството е силна, но со малку среќа и добра ждрепка очекуваме да се вратиме со медали. Исто така, нашата шанса ја гледам и во актуелната ситуација поради која нема да настапат Русија, Украина и Белорусија. Упатувам благодарност до БК „Спартак“ за можноста подготовките за првенството да ги спроведеме во Кочани, истакна селекторот Данов. Настапот на Европското првенство во Унгарија ќе биде прво учество на меѓународната сцена за нашата репрезентација во оваа година. Потоа за борачите ќе следат подготовки за учество на Медитеранските спортски игри во Алжир во текот на јуни и јули, како и за Светското првенство во борење што е закажано за септември, а домаќин ќе биде српскиот главен град Белград. та/зс/

Остани поврзан