• четврток, 26 декември 2024

Македонската амбасадорка во Грција ќе ѝ ги предаде акредитивните писма на грчката претседателка

Македонската амбасадорка во Грција ќе ѝ ги предаде акредитивните писма на грчката претседателка
Атина, 15 јуни 2021 (МИА) – Новоименуваната амбасадорка на земјава во Грција, Лидија Бошковска, денеска ќе ѝ ги предаде акредитивните писма на грчката претседателка Катерина Сакеларопулу, јави дописничката на МИА од Атина. Во претседателската палата во Атина, заедно со Бошковска, акредитивите ќе ги предадат и амбасадорите во Грција на Ирак, Филипини, Јужна Кореја и Нигерија. Бошковска е првата амбасадорка на Северна Македонија во Грција, по подигнувањето на нивото на дипломатските односи меѓу двете земји по Договорот од Преспа, откако Канцеларијата за врски во Атина стана Амбасада. Воедно, таа е и првата жена амбасадор на Северна Македонија што акредитивите ќе ѝ ги предаде на првата жена претседателка на Грција. Министерствата за надворешни работи на Северна Македонија и Грција пред две години разменија ноти, со кои, согласно Договорот од Преспа, се подигна нивото на Канцелариите за врски во Скопје и Атина на ниво на амбасади. Паралелно нашата Канцеларија за конзуларни, економски и трговски работи во Солун се подигна на ниво на Генерален конзулат, а истовремено грчката Канцеларија за конзуларни, економски и трговски работи во Битола на ниво на Генерален конзулат. ср/сп/

Остани поврзан