• среда, 25 декември 2024

,,Македонија 2025" : Забрзан економски раст преку дигитализација, конкурентност, користење на потенцијалот на дијаспората

,,Македонија 2025

Скопје, 6 март 2024 (МИА) - Забрзан економски раст преку дигитализација, конкурентност, користење на потенцијалот на дијаспората, ова беше кажано на денешната прес - конференција на организацијата ,,Македонија 2025", на  која беше презентирана платформата за постигнување забрзан економски раст, документ кој организацијата ќе им го претстави на релевантни чинители во општеството во пресрет на претстојните избори. Целта е просперитет и повисок животен стандард, што помалку луѓе да се иселуваат. 

-Сакаме да се фокусираме на областите каде што можеме да помогнеме. Тоа е нашата визија, ние како организација сме спремни да ги вложиме сите капацитети. Човечки и финансиски ресурси, контакти, знаења и слично, за да направиме вистински напредок во овие области, рече извршната директорка на ,,Македонија 2025",  Никица Мојсовска – Блажевски.

Ѓорѓе Војновиќ, член на Одборот на директори, говореше за основите на визијата за забрзан економски раст. Тој рече дека визијата за просперитет вклучува нулта толеранција кон корупција преку транспарентност и систем на вредности и лична одговорност, ефикасна јавна администрација, континуиран раст на БДП над пет отсто годишно, нови инвестиции во образованието што е многу битно, реформи за побрз раст на бизнисите, поддршка на извозот, сведување до минимум на сивата економија.

Тој нагласи дека ќе вложат максимум, за да бидеме како држава,  посакувана бизнис дестинација. 

Членови на Одборот,  секој во својата област на специјализација, претставија конкретни мерки што се предлагаат. 

Заменик претседателот на Одборот на директори на организацијата, Васко Кроневски го претстави делот на мерки поврзани со дигитализацијата. Тој рече дека меѓу другото, со дигитализацијата, се подобруваат демократските процеси, се прави поконкурентна економија. 

- Предлагаме дека треба секоја година, најмалку десет услуги кон граѓаните, да бидат дигитализирани во сите области, појасни Кроневски, осврнувајќи се и на тоа дека е потребна поддршка за компаниите и ефикасен сервис за нив од страна на државата и подобрување на услугите на локално ниво.

Тој сподели дека анализите покажуваат оти само третина од македонските компании имаат дигитална спремност. 

- Поразително е, ако ги издвоиме големите компании, средните и малите, кај малите компании, само една од четири, има ваков дигитален потенцијал. Останатите воопшто не се вклучени во сето ова и не се ни свесни за придобивките од дигитализацијата, нагласи Кроневски.  

Тој проговори и за тоа дека сите мерки поврзани со дигитализацијата нема да можат да се случат ако немаме здрава домашна ИКТ индустрија, рече таа е на високо ниво, но за жал огромен процент од неа работи за други економии во светот. Затоа, подвлече дека треба на неа да се гледа како стратешки ресурс. 

Кроневски рече дека дигитализацијата треба да биде координирана и во континуитет.  

Околу мерките за зголемување на конкурентноста, говореше членот на Одборот, Живко Мукаетов. 

Мукаетов истакна дека извозот е многу важен, за една земја со многу успешни приказни кои треба да се раскажат. Тој рече дека се потребни инвестиции во истражување, развој, нови технологии, еколошки стандарди, препознатливост, да се успее да се создаде додадена вредност. Мукаетов изрази спремност да ги пренесат ресурсите и позитивните искуства на ,,Алкалоид", на останати компании, за тие компании да остварат поголем извоз. 

- Македонската економија веќе подолг период е во сенка, за жал, на политичките збиднувања. А за подобар стандард, посветла иднина, сите треба да пружиме стабилност, нагласи Мукаетов. 

Тој порача да си го цениме тоа што го имаме тука, да се посвети повеќе внимание на домашното производство, на сопственото знаење  и што е многу важно, да се верува во себе. 

Виктор Мизо, исто така член на Одборот, се задржа на тоа како да се привлечат повеќе странски инвестиции, покрај развојот на домашните компании. Да има стратегија за македонските предности пред други земји, за инвестирање, навистина да биде воведен едношалтерскиот систем. 

Боријан Борозанов, најновиот член на Одборот, ги претстави односите со дијаспората.  

- Сите ќе се согласиме дека градење на релациите со нашите иселеници е државен интерес, нагласи тој, информирајќи дека се предлагаат мерки што треба да ги засилат тие релации. 

Борозанов нагласи дека со олеснување на административни процедури треба да се овозможат инвестиции во државата од која се потекнува и развој на туризмот. 

Преку видео обраќање, се обрати коосновачот на ,,Македонија 2025",  Мајк Зафировски.

- Мора сите заеднички да работиме за иднината, порача тој, подвлекувајќи дека ќе се лобира за земјава.

Следуваат состаноци со политичките партии, академската заедница, бизнис асоцијациите, за да има сплотување, како што беше кажано на прес конференцијата, околу оваа визија. свд/дма/

 

 

Фото/видео: МИА 
 
 

 

 

Остани поврзан