Македонија меѓу најдобрите земји во светот според намалувањето на неонаталната смртност и смртноста кај децата под пет години
- Македонија е рангирана меѓу најдобрите земји во светот според намалувањето на неонаталната смртност и смртноста кај децата под пет години, се наведува во објавениот глобален извештај за 2025 година на Меѓуагенциската група на ОН за процена на смртноста кај децата.
Скопје, 19 март 2026 (МИА) - Македонија е рангирана меѓу најдобрите земји во светот според намалувањето на неонаталната смртност и смртноста кај децата под пет години - се наведува во објавениот глобален извештај за 2025 година на Меѓуагенциската група на ОН за процена на смртноста кај децата.
На презентацијата на податоците од извештајот, денеска, на прес-конференција, министерот за здравство Азир Алиу рече дека, според извештајот, стапката на смртност кај новороденчиња за неполна деценија е намалена за 87 проценти од 8,1 на 1,1 смртен случај на 1.000 живородени деца, а стапката на смртност кај деца на возраст под пет години е намалена за 75 проценти од 11,1 на 2,8 на 1.000 живородени деца.
- Нашата држава е прикажана како успешен пример за намалување на неонаталната и смртноста на децата на возраст под пет години на глобално ниво како резултат на заедничките активности и координација на Комитетот за безбедно мајчинство при Министерството за здравство и партнерите УНИЦЕФ, СЗО и УНФПА - истакна Алиу.
Претседателката на Комитетот за безбедно мајчинство и директор на Клиниката за гинекологија и акушерство, Ирена Алексиоска-Папестиев, рече дека податоците покажуваат дека кога системски се работи, може да се достигнат меѓународните стандарди во намалувањето на неонаталната смртност и смртноста кај децата на возраст под пет години. рп/вј/
Фото: МИА