• среда, 13 ноември 2024

„Македокс“ викендов со анимирани документарни филмови од програмата „Анидок“

„Македокс“ викендов со анимирани документарни филмови од програмата „Анидок“

Скопје, 19 август 2023 (МИА) - Во рамки на 14. Фестивал на креативен документарен филм „Македокс“, викендов покрај филмската програма од селекцијата за главната програма, кратките документарци, „Нови автори“ и студентската програма, во Сули-ан ќе се одвива филмската соработка со фестивалот на анимиран филм „Флипбук“, каде што ќе бидат прикажани неколку наградувани анимирани документарни филмови кои биле дел од програмата „Анидок“.

Тематски фокус на 14. „МакеДокс“ е монтажата на документарните филмови со мото #пресечи (#cutit).

- Викендот е резервиран и за мастеркласовите на Мила Турајлиќ и Владимир Гојун. На програмата во Куршумли-ан на 20 август ќе биде прикажан документарниот диптих „Неврзаните: Сцени од фондот на Лабудовиќ“ и „Филмски герили: Сцени од фондот на Лабудовиќ“ на Мила Турајлиќ, додека на мастеркласот претходно таа ќе зборува за процесот на монтажа, кој во случајот со овие два филма траел цели три години. Тематски наслов на мастеркласот е „Верба во процесот: Режисер(к)ите во собата за монтажа“. Разговорот ќе го води францускиот продуцент Виктор Еде,  велат од „Македокс“.

Како што информираат организаторите, мастеркласот на хрватскиот монтажер Владимир Гојун ќе биде фокусиран на повеќе прашања што се отвораат на монтажерската маса, а целта е да се открие процесот на разбирање на можностите што ги носи видеоматеријалот за креација на документарниот филм.

Целосната програма може да се пронајде на официјалната веб-страница на „МакеДокс“ (makedox.mk), може да се симне и фестивалската апликација, а и билетите може да се купат онлајн. сх/дма/

Фото: Македокс

Остани поврзан