• понеделник, 23 декември 2024

Макаби се обидува да ја врати Евролигата во Тел Авив

Макаби се обидува да ја врати Евролигата во Тел Авив

 

Тел Авив, 13 февруари 2024 (МИА) – Најтрофејниот израелски кошаркарски клуб Макаби се обидува да ги врати своите домашни натпревари од Евролигата во Тел Авив.

Поради воената состојба на Блискиот исток, а особено во Појасот Газа, кошаркарската Евролига му забрани на Макаби да биде домаќин во Тел Авив, а израелскиот клуб оттогаш своите домашни натпревари ги игра во Белград.

Натпреварите од домашното првенство израелските клубови ги играат во својата земја, а на покана на челниците на Макаби претседателот на Евролигата Диего Гиљен беше специјален гостин на дуелот против Хапоел од Тел Авив за лично да се увери во безбедноста на спортските настани во главниот израелски град.

Макаби своите домашни натпревари во израелското првенство ги игра без дел од своите интернационалци, кои настапуваат само во Евролигата, а дуелот против градскиот ривал Хапоел го следеа 11.000 луѓе.

Сега се чека одлуката на Евролигата дали ќе го прифати барањето на Макаби своите домашни натпревари повторно да ги игра во Тел Авив. ег ФОТО: Фејсбук

Остани поврзан