• среда, 25 декември 2024

Мазнева: Околу 80 привремено вработени нема да бидат повторно ангажирани оти „Комунална хигиена“ нема потреба од нивен натамошен ангажман

Мазнева: Околу 80 привремено вработени нема да бидат повторно ангажирани оти „Комунална хигиена“ нема потреба од нивен натамошен ангажман
Скопје, 9 ноември 2022 (МИА) - Откако јас сум дојдена за директор на „Комунална хигиена“ досега нема избркано ниту едно единствено лице или вработен во оваа претпријатие. Она што ние го преземаме како акција е тоа што одредена група на вработени лица, односно ангажирани лица преку Агенцијата за привремени вработувања нема да бидат повторно ангажирани, затоа што претпријатието нема потреба од нивен натамошен ангажман, истакна на денешната прес-конференција директорка на ЈП „Комунална хигиена“ - Скопје, Косана Мазнева на тема „Состојбата во претпријатието – реализирани и претстојни активности“. - Направена е претходна анализа од страна на раководителите на секторите дека претпријатието нема потреба од ангажман на овие лица, затоа што генерира дополнителни трошоци по однос на плати. Овие лица најпрво не се 113. Не знам од каде ви е информацијата дека се работи за 113 лица. Колкава е бројката на лица, јас дополнително ќе ве информирам. Но. Ве уверувам дека таа бројка е помала. Ако сакаме веќе да шпекулираме, еве нека биде околу 80. Точната бројка ќе ја добиете. Се уште не е завршена анализата. Голем дел од овие лица не биле редовни и не биле присутни на своите работни места онака како што треба. Според анализата која што ја направиле раководителите на секторите пренесено ми е дека едноставно претпријатието нема потреба од нивен ангажман, рече Мазнева одговарајќи на новинарско прашање дека 113 лица ќе бидат избркани од оваа претпријатие. Што се однесува на тоа дали лицата на кои ќе им биде прекинат договорот се Албанци, Македонци, Срби, Власи, Турци, Мазнева рече дека сака да стави ред во „Комунална хигиена“ независно од партиската или етничката припадност. - Ние имаме 1.118 редовно вработени лица и 287 лица кои се ангажирани преку Агенцијата за привремени вработувања. Отприлика 80 лица треба да си заминат, односно тоа се лица на кои што нема да им се продолжи договорот, затоа што реално немаме потреба од нив, тоа е реално оптоварување за претпријатието. Од нив 46 лица се оперативци и 37 се административни работници. Овие 287 лица го чинат претпријатието 11 милиони денари во услови на енергетска и економска криза. Раководителите на секторите и јас како директор од овие 287 лица проценивме дека на околу 80 лица нема да им ги продолжиме договорите од причина што немаме потреба од нивен ангажман. Зошто ги ангажираме? Дел од редовните вработени лица во меѓувреме отишле во пензија, дел се отидени на неплатено отсуство, дел се заминати на подолготрајно боледување. Претпријатието останува без одредени кадри, нема друго решение, работниот процес не може да престане и ние сме принудени некогаш да ангажираме дополнително лице, што со ниту еден закон не се обврзувачки дека треба да останат како вработени во претпријатието. Договорот им е истечен на 4-ти овој месец, рече Мазнева. Таа информира дека откако е дојдена на директорксата функција во претпријатието има доставено преку двесте опомени кон редовно вработени лица и кон оние кои што се ангажирани преку Агенцијата за привремени вработувања со укажување да внимаваат на дисциплината на работното место. - Одиме прво со опомени. Имам покренато само една дисциплинска постапка кон редовно вработено лице, за која дисциплинска постапка е формирана комисија и таа одлучи дека не постои дисциплинско прекршување на работниот процес и јас тука се повлеков, рече директорката Мазнева. фф/ац/

Остани поврзан