• среда, 25 декември 2024

МАЕИ со честитка до новата македонска Влада и премиерот Мицкоски

МАЕИ со честитка до новата македонска Влада и премиерот Мицкоски

Дебар, 27 јуни 2024 (МИА) - Македонската партија во Албанија, Македонска алијанса за европска интеграција, МАЕИ, упати честитка до новата Влада и премиерот Христијан Мицкоски.

Во неа стои дека со голема чест и задоволство, Македонската алијанса за европска интеграција (МАЕИ), единствената партија која ги брани интересите на Македонците во Албанија, упатува срдечни честитки до новоизбраната македонска Влада под водство на премиерот Христијан Мицкоски. 

-Ова е значаен момент за нашата матична земја. Ние, Македонците во Албанија, го споделуваме чувството на гордост и надеж за посветла иднина. Убедени сме дека под водството на премиерот Мицкоски, Република Македонија ќе продолжи да гради силни и здрави односи со своите соседи, особено со Република Албанија. Нашата визија е заедничка иднина заснована на братство, разбирање и взаемна почит, која ќе придонесе за унапредување на сите сфери на соработка, се наведува во честитката.

Партијата во име на Македонците ги посочува и очекувањата од новата влада, со цел „зацврстување на врските меѓу двете земји и заштита на правата на македонската заедница во Албанија". 

-Очекуваме потпишување на договор за положбата и правата на Македонците во Албанија и на Албанците во Македонија, на реципроцитетна основа; договор за 24. часовно функционирање на граничниот премин Џепиште-Требиште во областа Голо Брдо, како и отворање на Генерален конзулат на Република Македонија во градот Корча, кој ќе биде во директен контакт со Македонците од Округот на Корча, се очекувањата на Македонците.

МАЕИ, како што се наведува, силно се спротивставува на грубото мешање на Бугарија во местата каде што живеат Македонци, кои Софија ги смета за „Бугари“, иако во Албанија такви нема.

-Поради ова, бараме поддршка од Владата на Република Македонија во заштита на положбата и правата на Македонците во Албанија и за спречување на обидите за денационализација. Искрено му посакуваме на премиерот Мицкоски и неговата администрација успех и мудрост во водењето на Македонија кон посветла и попросперитетна иднина. Со нетрпение очекуваме заедничка работа во зајакнувањето на врските помеѓу Македонците од Албанија и нашата матична држава Македонија, стои на крајот од честитката на МАЕИ. вт/дма/

Фото:МАЕИ

 

 

Остани поврзан