• сабота, 23 ноември 2024

МАЕИ со апел до македонските власти да обезбедат побрзо минување на граничниот премин Стење

МАЕИ со апел до македонските власти да обезбедат побрзо минување на граничниот премин Стење

Дебар, 23 септември 2024 (МИА) - Единствената македонска партија во Албанија Македонска алијанса за европска интеграција, МАЕИ,  упати апел до македонските власти да обезбедат побрзо минување на граничниот премин Стење-Горица на границата со Република Албанија. 

- Во текот на бербата на јаболката во Преспа, значително е зголемено движењето на Македонци од Општина Пустец, кои секојдневно доаѓаат за работа и се враќаат вечерта дома. Секојдневно, во утринските и вечерните часови, се создаваат значителни колони, што предизвикува подолго чекање за влез и излез, изјави за МИА, Васил Стерјовски претседател на МАЕИ.

Поради тоа, додава, бараме од надлежните органи да обезбедат поголем број шалтери, со цел да се овозможи побрзо минување, како и да се олесни секојдневното движење на граѓаните на овој граничен премин.

- Сметаме дека е од исклучителна важност да се овозможи побрз транзит во оваа сезона, за да се поддржи локалната економија од двете страни на македонско-албанската граница, нагласува Стерјовски.

Години на ред, стотици жители, па дури и цели семејства од подрачјето на општина Пустец, се ангажирани за време на бербата на јаболката во подрачјето на Ресен обезбедувајќи средства за основна егзистенција. вт/дма/


Фото: МАЕИ

 

 

Остани поврзан