• сабота, 23 ноември 2024

МАЕИ побара од ИНСТАТ и Мала Преспа да биде опфатена со продолжениот рок за попис

МАЕИ побара од ИНСТАТ и Мала Преспа да биде опфатена со продолжениот рок за попис

Тирана, 26 октомври 2023 (МИА) – Единствената македонска партија во Албанија, Македонска алијанса за европска интеграција, МАЕИ, денеска достави барање до Институтот за статистика, ИНСТАТ, пописот на населението да се продолжи и за подрачјето на Мала Преспа.

- Доставивме барање до ИНСТАТ од причина што добар дел од жителите се сезонски работници во Македонија и Грција, поради што, сè уште не се контактирани од попишувачите. Се надеваме на позитивен одговор со што и Мала Преспа ќе биде опфатена со продолжениот рок на пописните активности. Тоа ќе овозможи поголем процент на опфатеност, рече за МИА, Ефтим Митревски, потпретседател на партијата, кој го доставил барањето.

ИНСТАТ синоќа соопшти дека пописот на населението и домаќинствата, што требаше да заврши на 30 овој, продолжува до15 следниот месец, бидејќи „околу 3 отсто од подрачјата, главно планински, на целата територија на Република Албанија сè уште не се попишани“.

Оваа значајна статистичка операција официјално започна на 18 минатиот месец а податоците собрани на терен, ќе бидат обработени, анализирани и објавени во форма на официјална статистика во јуни идната година.

Пописниот формулар содржи 100 прашања, а само три од нив етничка и религиска припадност и мајчин јазик се незадолжителни.

Ова е 12. попис по ред на населението во историјата на Албанија, првиот е спроведен во 1923 година, а последниот во 2011 година.вт/свс/

Фото: МАЕИ

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан