• среда, 25 декември 2024

МААЕ: Итно да запрат воените операции кај нуклеарната централа во Запорожје

МААЕ: Итно да запрат воените операции кај нуклеарната централа во Запорожје
Виена, 6 август 2022 година (МИА) - Генералниот директор на Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ) Рафаел Гроси денеска повика на итен прекин на воените операции во близина на украинската нуклеарна централа во Запорожје, предупредувајќи на „многу реален ризик од нуклеарна катастрофа“, пренесува Би-Би-Си. Тој рече дека е „екстремно загрижен“ поради наводите за ракетирање на нуклеарната централа, најголемата во Европа. Киев тврди дека руската армија од локации во близина на електраната гаѓа цивилни области, користејќи ја т.н.„терористичка тактика“. Операторот на електраната во Запорожје, Енерхоатом, изјави дека една „енергетска единица“ е затворена поради руски ракетни напади, додавајќи дека постои ризик од ширење на радијација. Енерхоатом на социјалната мрежа Телеграм објави дека вчерашните ракетни напади „сериозно го загрозиле безбедното работење на електраната“. Москва тврди дека нападите ги извршила Украина. Руските сили ја зазедоа електраната во март, а украинските вработени сè уште работат таму. Во изјавата, Гроси рече дека поради ракетирањето, постои „реален ризик од нуклеарна катастрофа што може да го загрози јавното здравје и животната средина“ во Украина и пошироко. Тој додаде дека на украинскиот персонал во електраната мора да му биде овозможено да ги извршува своите должности „без закани и притисоци“. „Заради заштита на луѓето во Украина и на други места од потенцијална нуклеарна несреќа, сите ние мора да ги оставиме нашите разлики настрана и да дејствуваме веднаш. МААЕ е подготвена“, рече Гроси. Тој претходно изјави дека електраната во Запорожје е „целосно надвор од контрола“. ссм/

Остани поврзан