• четврток, 26 декември 2024

Луфтханза предвидува дека утре поради штрајкот ќе бидат откажани до 90 отсто од летовите

Луфтханза предвидува дека утре поради штрајкот ќе бидат откажани до 90 отсто од летовите

Франкфурт, 6 февруари 2024 (МИА) - Авиокомпанијата Луфтханза предвидува дека утре ќе бидат откажани до 90 отсто од летовите на германските аеродроми, поради повиците за штрајк на копнениот персонал кој бара повисоки плати.

„Поради штрајкот, во моментов претпоставуваме дека 10 до 20 отсто од распоредот на летови на Луфтханза ќе биде достапен на 7 февруари“, објави германската авиокомпанија на својата веб-страница.

Синдикатот Верди започна повик за предупредувачки штрајк како дел од спорот за платата на персоналот кој работи со патниците на аеродромот. Таму има 25.000 вработени.

Ова се надополнува на долгиот список штрајкови во последниве месеци на различни сфери во Германија, каде што инфлацијата ја намалува куповната моќ и ги зголемува тензиите меѓу работниците и раководството на компанијата во преговорите за годишните плати.

Синдикатот Верди бара зголемување на платите за 12,5 отсто во период од 12 месеци за вработените во Луфтханза.

Штрајкот од 24 часа ќе го погоди најголемиот аеродром во Германија, Франкфурт, како и аеродромите во Минхен, Хамбург, Берлин и Дизелдорф.

Луфтханза ги повика патниците да се појават на аеродромот само доколку нивниот лет не е откажан. паг/

Фото: ЕПА

 

 

Остани поврзан