• четврток, 26 декември 2024

„Луна-25“ ги испрати првите слики од Вселената

„Луна-25“ ги испрати првите слики од Вселената

Москва, 16 август 2023 (МИА) - Руското вселенско летало „Луна-25“ ги испрати првите фотографии направени на својот пат кон јужниот пол на Месечината.

Во петокот, на 10 август, од космодромот „Восточни“, источна Русија, руската државна вселенска агенција Роскосмос ја лансираше ракетата „Сојуз 2.1“, којашто го пренесе вселенското летало во Вселената. Ова е првата сонда во историјата на современа Русија испратена на Месечината, по речиси 50 години. Според официјалните наводи, „Луна-24“ полета кон нашиот природен сателит во 1976 година и на Земјата донесе мал примерок од реголит, т.е. месечева почва.

„Овие фотографии покажуваат елементи од дизајнот на вселенско летало кое засекогаш ја напуштило Земјата, а во позадина е Месечината до којашто наскоро ќе стигне“, соопшти Роскосмос.

Луна-25 ги сними своите први фотографии од вселената во неделата на 13 август и ѝ ги испрати на контролата на мисијата на Земјата. Тие беа објавени од рускиот Институт за вселенски истражувања при Руската академија на науките (ИКИ РАН). На снимките се гледа леталото со Месечината во позадина. Видливи се и руското знаме и ознаката „Луна-25“.

Фотографиите се направени на оддалеченост од околу 310.000 километри од Земјата. Во просек, Месечината е оддалечена 384.400 километри од нашата планета, што значи дека „Луна-25“ била при крајот од своето патување.

„Сите системи на вселенското летало функционираат совршено нормално, комуникацијата со станицата е стабилна, а енергетскиот биланс е позитивен“, соопшти ИКИ РАН.

Леталото треба да слета на месечевиот јужен пол на 22 август.

Русија, според официјални податоци, е првата земја што испрати сонда на Месечината. Тоа беше „Луна-2“ во 1959 година. „Луна-9“ пак, беше првата со меко слетување на површината на Земјиниот природен сателит во 1966 година.

Официјално, првото слетување со човечки екипаж е мисијата „Аполо 11“ на САД, т.е. НАСА, во 1969 година. Русија сега има за цел да биде првата што успешно ќе изврши меко слетување на месечевиот јужен пол пред мисијата на НАСА - „Артемис III“ предвидена најрано за 2025 година. И во оваа мисија, екипажот ќе биде испратен на јужниот пол.  си/ссм

Фото: ИКИ РАН

Остани поврзан