• четврток, 26 декември 2024

Луксузен стан од еден милион евра направен во викторијанска бања

Луксузен стан од еден милион евра направен во викторијанска бања
Пенарт, 4 декември 2020 (МИА) - Луксузен стан направен во реновирана викторијанска бања од 19. век, е понуден на продажба за еден милион фунти (околу 1,11 милиони евра). Станот се наоѓа во зграда во гратчето Пенарт во Велс и е навистина оригинално и уникатно место за живеење. Објектот првично служел како јавна бања, во која два базена се полнеле со морска вода. Бањата била затворена во 1980-те, кога просторот бил претворен во ресторан, а потоа во 2005 година била поделена во четири одделни простории. Една од нив денес е станов што се нуди на продажба. Тули и некои прозорци од оригиналната бања се задржани, како и челичните греди и стакларникот на таванот. Сепак, ентериерот е преуреден и претворен во луксузен и модерен простор за живеење. Има и подно греење, а на вториот кат има теретана и тераса. Има сауна за релаксација, џакузи, тушеви, бања... Станот има три спални соби и две бањи. Главната дневна соба сѐ уште ги има оригиналните прозорци и малку повеќе обложени sидови од тули, како и камин и скали што водат до вториот кат. На истиот простор се наоѓа и добро опремена кујна со кафемат и други современи, софистицирани апарати. На горниот кат, пак, покрај спалните, има и просторија што може да се користи за работа од дома. Во близина на станот има карпи и шеталиште покрај морскиот брег. Цената на станот е еден милион фунти. си/

Тагови

Остани поврзан