• среда, 02 октомври 2024

Луковица се гради и опстојува иако нема асфалтиран пат до таму

Луковица се гради и опстојува иако нема асфалтиран пат до таму
Луковица, 27 февруари 2022 (МИА) - Иако се соочуваат со речиси непристапен пат до село Луковица, тамошните жители се трудат ова место да живее и опстојува. Луковица е меѓу ретките села до кои нема асфалтирана сообраќајница, а да се стигне до таму требаат речиси еден час патување од Тетово од кои 30 минути движење со возило за чие управување е потребна умешност да се избегнат големиот број дупки и камења долж земјениот пат. Дваесет и седумгодишниот Ивица Милошевски е еден од поинтересните примери на луѓето кои и покрај сите потешкотии не се откажува од доаѓањето во Луковица. Поради школувањето над десет години престојува во Скопје, а сега и таму работи. Но за викендите речиси задолжително е во селото. Вели дека би живеел и постојано да не бил проблемот со отежнатото патување поради неасфалтираниот пат. - Моментално живеам и работам во Скопје, доаѓам за викенд му помагам на татко ми на фармата со козите. Како семеен бизнис тоа ни е. Најголем проблем ни е патот. Јас одам со кола ама четири пати ја искршив колата, поради патот што не е добар. На зима не можам да дојдам поради тоа што не се чисти редовно патот од снег. И тоа имаме проблем и поради тоа младите не сакаат тука да живат. Доколку има услови би останале да живеат и работат тука но поради патот најмногу се откажуваат. Картерот си го дупнав два пати, амортизерите трети пат ги менувам поради камења и дупки. Гумите нон стоп ги кинам. Морам да доаѓам тука моите живеат, да дојдам да им помогнам, објаснува младиот Ивица, кој завршил Машински факултет и работи согласно струката во една од фабриките во технолошката зона во Скопје. Неговиот татко Ќирко Милошевски е еден од педесетината жители кои постојано во сите 12 месеци живее во ова планинско место. Тој има една од четири фарми со домашни животни во селото со кои обезбедува егзистенција за семејството. Објаснува дека би се проширил и со повеќе животни но патот е причината да не може тоа да го стори. - Се занимавам 30 години со сточарство. Сум држел овци, крави и но најмногу работам со кози. Од козјото млеко правиме бело и биено сирење и го продаваме. Имав 250 но морав 150 да ги продадам во Свети Николе. Не можев да ги чувам сите поради тоа што се собираше многу млеко . Ниту една млекара не праќа овде возило за да го земе млекот. Инаку јас би држел 500 овци. Едно време сакав уште една фарма да правам. Ама поради тоа со патот немам услови да опстанам со нив. Сам вода сум донел, имам во штала се наместено, раскажува 57-годишниот сточар Ќирко кој заедно со сопругата и братот постојано работи со козите. Негови братучеди и вујко се сопственици на други три фарми каде се огледуваат крави, свињи и овци. На почетокот на селото брачниот пар Анѓеле и Љубица Мишевски се обидуваат да заживеаат уште едно место за одгледување на домашни животни. - Фармава е на синот, пред осум години ја има почнато направено и после одлучија да одат во Германија и ние сега доправуваме, одржуваме. Меѓу тоа тешко е затоа што патот не е прооден. Еден материјал да донесе повеќе не кошта превозот него она што ќе го купиме, вели Љубица. Сопругот Анѓеле вели дека ќе бидат упорни иако две години се мачат да добијат документи за спроведување на електрична енергија до имотот. - Тешко доаѓа камион овдека многу големо е финансиското оптоварување. Многу ни беше тешко со струјава, две години бркавме, одвај лани ни потпишаа од општината да донесеме струја до објектов, вели Анѓеле. Лукојчани сакаат да се трудат и да градат и покрај тоа што до нивното село им требаат повеќе пари за да стигнат отколку да купат материјал. Во изминативе години тука постојано се градат куќи и викендици. Сами со свои пари од планинските извори имаат спроведено цевки и така обезбедиле нормално водоснабдување. Некои од улиците, исто така со самопридонес се поплочени. - Јас како што паметам 1972/73 година имаше само 26 куќи но стигна до 75 куќи во 2022 година и речиси 100 домаќинства. Природата многу убава, фина. Блиску е езерото Козјак. Местоположбата е добра на надморска височина од околу 950 метри надморска височина. Единствено патот ни е проблем. Годинава моментално во фаза на градење ќе бидат три куќи. Ни бараат многу градежни земјишта, парцели, сакаат да прават, ама патот е проблем. Повеќе чини превозот, него што чини материјалот, објаснува Миле Сибиновски, претсетдател на месната заедница и Здружението на жители. Како во секое планинско село голем е бројот на пензионери кои можат да дојдат да живееат од април до ноември. Доаѓаат поради мирот и тишината во селото, како и за чистиот воздух, убавата природна околина. - Доаѓаме летно време обавезно. И преку зима би престојувале и моите родители но поради тој пат, мора да ги повлечам. Во зима не можам да одам, немам џип, сум со лека кола. И затоа настојуваме тој пат да се направи. Ние сме на надморска височина околу 950 метри што значи ја да отидам до Маврово, еднаш ќе можам, а овде ќе дојдам два пати со истите трошоци, а сепак сум во природа. Куќата сакам да ја сочувам тоа ми е наследство од дедо, изјави Јованче Сибиновски. Миле од месната заедница вели дека местоположбата и близината до езерото Козјак го прави селото потенцијал за планинско-рурален туризам. Иако оптимистички размислува кога станува збор за идеи како да се привлечат луѓе, песимизмот го совладува кога зборува за тоа дали ќе има во скоро време асфалтиран пат. - Нема да може да се развие туризам кога немаш пат. Кој ти доаѓа. Во фаза сме на правење на проектиз за планинариве, три планинарски рути, кои би се движеле пеш од место викано Крстец до езерото Козјак, објаснува Миле Сибиновски. Селото има три цркви, од кои најстара е Свети Ѓорѓи во повисокиот дел од селскиот атар. Од 1962 година е изградена црквата Свети Илија. Тамошната црковна слава односно Илинден е периодот во годината кога најмасовно е посетено од селото од луѓето кои потекнуваат од таму. Со донации на верници таму веќе неколку години се градат конаци. - За Свети Илија коаг се прославува до 1000 порции се дава ручек, има и музика. Доаѓаат луѓе од каде не. Од странство доаѓаат. Црквониот одбор самиот работи на одржување, поправки и слично. Уште во изградба сме со конаците, имаме четири соби со купатила. Кујна правиме таму и таа во изградба е. Ако се изгради ќе доаѓаат и на викенд овде луѓе, ќе доаѓаат во конакот да преспиваат. За летно време има вода, сенки, изјави Ѓурче Сибиновски. На доаѓање или заминување од Луковица може да се види и трета црква Света Петка, како и сите објекти изградени само со пари и придонес на Лукојчани и нивните семејства. ас/фф/
vranec_world_day_2024_300x250

Остани поврзан