• среда, 25 декември 2024

Лукашенко помилува 37 затвореници осудени заради „екстремизам“

Лукашенко помилува 37 затвореници осудени заради „екстремизам“

Варшава, 16 септември 2024 (МИА) - Белорускиот претседател Александар Лукашенко денеска помилува 37 лица кои се затворени поради „екстремизам“, како што се нарекуваат постапките на противниците на власта.

Во соопштението од Кабинетот на претседателот се наведува дека меѓу помилуваните затвореници, чиј идентитет не се открива, има шест жени и лица со здравствени проблеми.

Според податоците на специјализираната невладина организација Вјасна, во Белорусија има повеќе од 1.300 политички затвореници.

Во текот на изминатите два месеца, белоруските власти во неколку наврати помилуваа лица приведени поради протести против власта. Лукашенко помилува 30 политички затвореници во средината на август и уште 30 на почетокот на септември.

Според Вјасна, уште 20 лица биле ослободени во јули по отслужување на казната, а 18 биле „помилувани или разменети“. Оваа земја, сојузник на Москва, под западните санкции за внатрешна политичка репресија и поддршка за руската инвазија на Украина, има повеќе од 1.300 политички затвореници, наведува Вјасна.

Лукашенко, кој е на власт 30 години, неколку пати ги задушуваше протестните движења. Во февруари тој ја најави својата намера да се кандидира за уште еден мандат следната година.

Во август 2020 година десетици илјади луѓе демонстрираа со недели барајќи негово соборување, најголемото протестно движење откако Белорусија прогласи независност во 1991 година. паг/

Фото: МИА архива


  

 

Остани поврзан