Лукас Вертер за МИА: Во Скупи гледаме голем потенцијал од аспект на научните истражувања
- Скупи е арехолошки локалитет од доцноантичко време, со одлична и исклучителна уникатна презервација на откритија. Гледаме голем потенцијал од аспект на научни истражувања и би ни било мило доколку можеме да дадеме придонес и да откриеме уште повеќе за ова археолошко место во иднина, изјави за МИА заменик-директорот на Германскиот археолошки институт, Лукас Вертер.
Скопје, 26 ноември 2024 (МИА) - Скупи е арехолошки локалитет од доцноантичко време, со одлична и исклучителна уникатна презервација на откритија. Гледаме голем потенцијал од аспект на научни истражувања и би ни било мило доколку можеме да дадеме придонес и да откриеме уште повеќе за ова археолошко место во иднина, изјави за МИА заменик-директорот на Германскиот археолошки институт, Лукас Вертер.
Шестмина специјалисти од Германија предводени од Вертер, во името на Германскиот археолошки инситут денеска потпишаа меморандум за соработка со Музејот на Град Скопје. Тие во Скопје пристигнаа вчера, а ќе престојуваат до четврток, при што ќе остварат посета со Министерството за култура, како и со претставници од Германската амбасада.
Според Вертер, меморандумoт за соработка меѓу Германскиот археолошки институт и Музејот на Град Скопје ќе биде почетна точка во поглед на нивната идна соработка.
- Меморандумoт за соработка меѓу Германскиот археолошки институт и Музејот на Град Скопје ќе биде почетна точка на нашата идна соработка во поглед на археолошките истражувања на Скупи. Се надеваме дека меморандумот ќе биде првиот чекор на нашата работа која ќе претстои во следните години, изјави Вертер за МИА.
За Скупи тој додава дека е место кое е собено уникатно од научен аспект.
-Арехолошкиот локалитет Скупи е место особено уникатно од научен аспект, со одлична и исклучителна уникатна презервација на откритија. Гледаме голем потенцијал од аспект на научни истражувања и би ни било мило доколку можеме да дадеме придонес и да откриеме уште повеќе за ова археолошко место во иднина, рече Вертер.
Во рамки на соработката, во Археолошкиот музеј во Франкфурт на 17 декември ќе биде отворена нашата изложба насловена „Темната страна на Римската историја“, која е приказ на масовната гробница откриена во Скупи. Изложбата е подготвена од археологот Ленче Јованова, а претходно беше прикажана и во Белград.
Вертер изјави дека со нетрпение ја очекуваат оваа изложба, и како што посочи, истата е уникатна сама по себе.
-Навистина ја очекуваме оваа изложба. Всушност се она што ќе биде претставено на изложбата е уникатно сама по себе. Ние знаеме дека постојат повеќе гробници од различни периоди од човечековата историја. Но, изложбата говори за 200 индивидуи кои починале од насилна смрт, повеќето од нив биле обезглавени. Изложбата е посебна и секако отвора многу прашања од научен аспект, за тоа кои се овие луѓе, кои се нивните биографии, што им се случило, додаде Вертер.
Тој посочи дека изложбата може да биде добра почетна точка за да размислуваме на овие теми, но и да ги доближиме овие уникатни дела до германската јавност, со надеж дека ова ќе ја поттикне понатамошната соработка и истражувања меѓу Северна Македонија и Германија.бт/лв/
Фото: МИА