• среда, 25 декември 2024

Лукаревска: СДСМ останува меѓу граѓаните, заедно ќе ги креираме следните политики

Лукаревска: СДСМ останува меѓу граѓаните, заедно ќе ги креираме следните политики

Скопје, 28 јуни 2023 (МИА) - Караванот „Рамо до рамо до победа“ на СДСМ денеска беше во Градско, Струмица, во Старо Нагоричане Кочани, Свети Николе, Кичево и Демир Хисар.

- Повеќе од три месеци СДСМ е интензивно на терен меѓу граѓаните, таму каде што му е местото. За овој период одржавме 980 средби, се сретнавме со илјадници наши сограѓани, го чувме нивниот глас, нивните забелешки, сугестии и предлози. Од сето тоа ќе ги градиме, заедно ќе ги креираме нашите следни чекори, политики, мерки и решенија, истакна заменик-претседателката на СДСМ Сања Лукаревска, која денеска беше во посета на Градско, во рамките на караванот „Рамо до рамо до победа“.

Лукаревска рече дека СДСМ вложува во секое населено место, додавајќи дека оваа Владат го рехабилитира регионалниот пат Велес – Градско што значи дека низ населбата ќе има модерна сообраќајница од два километри со уредени паркинзи, а дека со изградбата на експресниот пат Градско – Прилеп, оваа општина ќе стане многу подобро поврзана со останатиот дел од државата.

Таа додаде дека политиките на СДСМ создадоа услови да нема покачување на цената на струјата и да се врати евтината тарифа.

Наумче Мојсовски беше со граѓаните на општина Струмица.

Караванот „Рамо до рамо до победа“ на СДСМ денеска беше и во Источниот и Североисточниот регион каде во Старо Нагоричане беа Љупчо Николовски и портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска, Филип Николовски беше меѓу граѓаните на Кочани, додека пратеничката Емилија Рамбабова ја посети општина Свети Николе.

- Нашата грижа за земјоделците е конкретна и континуирана, успеавме македонското земјоделство да го ставиме на пиедестал и тоа во време кога во Европа се случуваше сериозна криза за храна, за ѓубрива и семенски материјал. Вчера исплативме над 232 милиони денари кон над 8.400 земјоделци, како финансиска поддршка за користен сертифициран семенски материјал за сите полјоделски култури, освен тутунот. Претходно за 730 земјоделци обезбедивме поддршка за набавка на нови трактори, тука е и редовната исплата на субвенциите, како и парите од ИПАРД програмите со што македонскиот земјоделец денес има значително подобри услови за работа, порача Николовски.

Филип Николовски се осврна на економските политики на Владата предводена од СДСМ, како и поддршката од Владата наменета за домашните компании.

Во рамките на теренските активности денеска со граѓаните на општина Кичево беше претседателката на Надзорниот одбор на СДСМ Викторија Аврамовска – Мадиќ, а во Демир Хисар, Каја Шукова.

-Пред државата и граѓаните е отворена историска шанса за брза евроинтеграција. Оваа шанса треба да ја искористиме да им обезбедиме европска иднина на граѓаните, пред сè на младите, во европска Македонија, истакна Мадиќ во Кичево, додавајќи дека СДСМ подаде рака, а ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски имаат можност да се приклучат на процесот и макар еднаш да направат државнички потег, во интерес на државата.

Таа нагласи дека откако Мицкоски го промени ставот и не е против уставни измени, треба да остане во процесот, да продолжи дијалогот за уставните измени и заедно да ја донесеме одлуката за реализација на стратешката цел за продолжување на преговорите за членство во ЕУ.

- Македонскиот идентитет е заштитен и потврден, македонскиот јазик е рамноправен со другите европските јазици, потврда за тоа е и последната Резолуција на Бундестагот, а со внесувањето на дел од бугарскиот народ во Уставот, се разбива онаа теза за „еден народ во две држави“, подвлече Мадиќ.

Во Демир Хисар, Каја Шукова, пред граѓаните се осврна на енергетските политики, пред сè за мерките што се спроведуваат за зелена трансформација и нагласи дека за само 15 месеци се инсталирани 192 мегавати „зелена енергија“, што придонесе за рекордно домашно производство на електрична енергија и зголемен извоз, како и повторно враќање на дневната евтина тарифа на струјата. ир/ев

 

Фото: СДСМ

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан