• среда, 18 декември 2024

Лукаревска и Костадинов на Летниот камп на СДММ во Охрид

Лукаревска и Костадинов на Летниот камп на СДММ во Охрид

Скопје, 8 јули 2023

Европска иднина значи подобра иднина, пред се за младите, тие заслужуваат европска иднина а одговорност на политичарите е да им ја обезбедат, порача денеска заменик претседателката на СДСМ, Сања Лукаревска во дискусија на младинскиот камп на СДММ во Охрид.

-Младите се движечка сила во секое општество и нивниот придонес ние го цениме, го почитуваме и го вреднуваме. Но имаме и обврска кон нив да им ја обезбедиме европската иднина. Затоа што европска иднина значи подобра иднина пред се за младите. Знаеме што носи членството во ЕУ, подобро образование, животен стандард, поголеми плати, безброј шанси за младите, за нивниот потенцијал и остварување на сите нивни соништа. Оние што заговараат и што работат против европската иднина работат и против младите, потенцираше Лукаревска.

Во обраќањето до младите социјалдемократи заменик претседателката посочи дека СДСМ постави пример како во соработка со младите може да се креираат и реализираат низа мерки и политики кои влијаат на подобрување на условите за живот.

-Заедно со СДММ реализиравме низа мерки и политики за младите. Ги покачиме студентските стипендии, некаде и до 80%. За прв пат ја воведовме мерката за субвенциониран студентски оброк од 2.700 денари во просек со која им излеговме во пресрет на над 40.000 редовни студенти. Младинската гаранција ја воведовме со којашто до денеска имаме вклучено над 80.000 млади. Невработеноста кај младите ја намаливме за историски најниско ниво. Тука се и мерките за обезбедување грантови за самовработување за млади од 5.000 евра по лице, грантови за млад земјоделец од 10 000 евра. И многу други. СДСМ е партнер на младите а клучна улога во ова има Социјалдемократската младина на Македонија, потенцираше заменик претседателката на СДСМ, Сања Лукаревска на Летниот камп на СДММ.

Костадинов од Летниот камп на СДММ: Младите се силата неопходна за напредок и позитивни промени

Младите се силата неопходна за напредок и позитивни промени, од кои зависи иднината на целокупното општество, порача денеска потпретседателот на СДСМ, Перо Костадинов, во дискусија со младите социјалдемократи на Летниот камп којшто се одржува во Охрид.

-Како човек којшто потекнува и се градел преку социјалдемократската Младина горд сум што денеска можам да кажам дека СДСМ е партија која ги цени и вреднува младите и којашто со своите политики работи за нивната иднина, рече Костадинов.

Иднината на целокупното општество зависи од младите луѓе. Тие се силата, неопходна за позитивните промени и капацитетот за напредок на заедницата, додаде тој повикувајќи ги младите да ја продолжат борбата за европска иднина и вистински социјалдемократски и човечки вредноси.

-Борбата за вистинските вредности е вистинскиот пат за секој млад човек. Чесноста, праведноста и солидарноста се вредностите за кои вреди секоја една битка. Визијата за просперитетно и хармонично општество почитва на овие вредности кои промовираат еднаквост и инклузивност како и меѓусебно почитување. Тоа го носи и социјалдемократијата, нашите вредности се и европски вредности. Потребни ни се нови и современи идеи и неопходен е храбар младински дух, за да успееме. Заеднички, да создадеме подобра држава и да втемелиме европски вредности дома, рече Костадинов.

На заедницата и требат храбри млади луѓе, ослободени од стравовите и посветени на идеалите во кои веруваат, додаде тој.

-Општеството има потреба од социјалдемократскиот идеал и млади луѓе кои ја сакаат праведноста, ја практикуваат чесноста и ги поттикнуваат позитивните промени во заедница. Зоната на комфор не е избор, рече потпретседателот на СДСМ, Перо Костаднов на Летниот камп на СДММ денеска во Охрид.

СДСМ - Центар за комуникации со јавноста

Фото:СДСМ

 

__________________________________________________________

МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки.

 

 

Остани поврзан