• сабота, 23 ноември 2024

Луиза Марија Алкалде е нова претседателка на мексиканската владејачка партија - МОРЕНА

Луиза Марија Алкалде е нова претседателка на мексиканската владејачка партија - МОРЕНА

Мексико Сити, 23 септември 2024 (МИА) - Владејачката партија во Мексико, Националното движење за обнова (МОРЕНА) ја избра министерката за внатрешни работи, Луиза Марија Алкалде, за нов претседател на партијата и му додели висока функција на синот на претседателот во заминување во оваа латиноамериканска земја, Андрес Мануел Лопез Обрадор, јавија британските медиуми.

Адвокатката Алкалде( 37), која потекнува од истакнато политичко семејство, ќе има задача да ги консолидира крилата на МОРЕНА по заминувањето на основачот на партијата, Лопез Обрадор, кој се сметаше за неизбежен фактор во националната политика во последниве години.

МОРЕНА моментално управува со 23 од 32 држави во Мексико и има мнозинство во двата дома на парламентот.

Алкалде, цврст поддржувач на Лопез Обрадор, беше конгресменка од 2013 до 2015 година, министерка за труд од 2018 до јуни 2023 година, а потоа беше назначена за министерка за внатрешни работи, функција која се смета за една од најважните во земјата.

Таа е и еден од основачите на МОРЕНА во 2011 година, кога ја извршуваше функцијата младински координатор.

-Нема да ве разочарам, изјави Алкалде по нејзиниот избор за партиски лидер пред поддржувачите на МОРЕНА.

Новоизбраната претседателка на Мексико, Клаудија Шајнбаум, подоцна на својот профил на социјалната мрежа Х изјави дека е убедена дека „новото раководство на МОРЕНА ќе заврши одлична работа“.

За организациски секретар на партијата е назначен синот на Лопез Обрадор, Андрес Мануел Лопез Белтран.

Британските медиуми наведуваат дека иако претседателот Лопез Обрадор во 2017 година се огради од раководството на МОРЕНА за да се кандидира за претседател на Мексико на изборите следната година, аналитичарите велат дека партијата отсекогаш му останала под контрола. сд/

фото:Скриншот од Википедија

Остани поврзан