• петок, 27 декември 2024

Лудва за МИА: Со оглед на новата геополитичка состојба, 2030 е остварлива цел за членство на земјава во ЕУ

Лудва за МИА: Со оглед на новата геополитичка состојба, 2030 е остварлива цел за членство на земјава во ЕУ
Скопје, 21 август 2022 (МИА) - Денес имаме нова геополитичка ситуација и мислам дека сите сме свесни дека Западен Балкан треба да биде во ЕУ. Се разбира, Западен Балкан треба да биде подготвен, без сомнение, но постапката треба да биде непречена со оглед на геополитичката ситуација, вели во интервју за МИА чешкиот амбасадор во земјава Јарослав Лудва. Тој нагласи дека Чешка е силен поддржувач на Западен Балкан и особено на Северна Македонија и оти за време на чешкото претседавање со ЕУ, регионот и земјава се ставени високо на нивната листа на приоритети. Во однос на францускиот предлог, со којшто се тргна блокадата на Софија, Лудва вели дека француските колеги направиле се за да се постигне компромис, истакнувајќи меѓутоа, дека ништо не е совршено по ова прашање, но, вели, тоа е најдобриот предлог на маса и со тоа продолживме понатаму. За него, доколку се оди без проблеми, 2030 година е остварлива цел за членство на земјава во ЕУ, со оглед на новата геополитичка состојба. Со амбасадорот Лудва разговаравме и евентуални гаранции за избегнување на натамошни блокади во преговорите, за придобивките кои Чешка ги има од членството во ЕУ, за новата геополитичка состојба во Европа во поглед на руската инвазија врз Украина, претстојната енергетска криза оваа зима... Амбасадоре Лудва, вашата земја го презеде претседателството со ЕУ минатиот месец. Колку Западниот Балкан и неговата европска интеграција се високо во приоритетите на агендата на чешкото претседателство со ЕУ? - Дефинитивно. Чешка е силен поддржувач на Западен Балкан и особено на вашата земја Северна Македонија на нејзиниот европски пат и, се разбира, за време на нашето претседателство, Западен Балкан и Северна Македонија се прилично високо на нашата листа. Северна Македонија во јули ја одржа првата меѓувладина конференција со ЕУ, откако го прифати францускиот предлог. Втората конференција и официјалниот почеток на преговорите ќе се одржи по уставните измени кај нас и внесувањето на Бугарите во Уставот. Колку според вас ова беше неопходно, и дали доколку ова не се случи процесот ќе запре? -Не би можел да зборувам толку многу за преговарачкиот процес и компромисот бидејќи тоа беше за време на француското претседателство, но секој пат требаше да се стремите да се постигне најдобриот компромис, а јас сум прилично сигурен дека француските колеги направија сè за тоа да се постигне. Можеме да кажеме дека ништо не е совршено по ова прашање, но тоа е најдобриот предлог на маса и продолживме понатаму. Земјите-членки ја одобрија Преговарачката рамка, но она што се случи со Северна Македонија е преседан, бидејќи се дозволи вметнување билатерални прашања во преговарачкиот процес. Дали има опасност овој преседан да се користи и за други држави во пристапниот процес, има многу нерешени прашања во регионот, а тука секако се и земји како Украина и Молдавија, кои добија статус на кандидати? -Билатералниот протокол е посебен документ и не е дел од преговарачката рамка. Не е вклучен во преговарачката рамка, тоа е посебен документ. Но во Протоколот има прашања поврзани со историјата... - Да, има, но тие не се дел од Преговарачката рамка. Високи европски претставници Мишел, Фон дер Лајен порачаа дека погледот е кон иднината, не кон минатото. Но, опозицијата и дел од експертската јавност се со став дека наместо со европеизација, во текот на преговорите ќе се занимаваме со историски прашања и напредокот ќе зависи од тоа што ќе биде договорено од Историската комисија. Дали има гаранции да се избегнат натамошни блокади во преговорите? - Има само едно нешто што е загарантирано на Земјата - тоа е смртта. Не постојат други стопроцентни гаранции, но имам чувство дека се направи сè што можеше да се направи. За иднината, би рекол дека секоја земја-кандидат треба да гледа кон иднината бидејќи порано или подоцна ќе го постигнете членството во ЕУ, полноправно членство, а тоа ви дава многу предности. Новите земји, Чешка е една од релативно новите земји, влеговме во ЕУ во 2004 година и тоа ни донесе многу поволности - слободно патување, петнаесет години сме членка на Шенген, како и повеќе инвестиции, повисок животен стандард. Тоа е иднината кон која треба да гледаме. Според проекциите на одредени аналитичари, Северна Македонија и Албанија би станале членки на ЕУ најрано во 2030. Дали според Вас ова е реално, со оглед на тоа што Србија и Црна Гора преговараат една деценија, а не се ни близу до членство. Кое е најоптимистичното сценарио за земјава? - Тешко е да се прави каква било споредба бидејќи во секој период, во секој даден момент ситуацијата е различна. Но, за осум години од сега, што е точно 2030 година, мислам дека тоа е остварливо, затоа што на Чешка ѝ беа потребни осум години, во некои случаи тоа беше осум години, за Хрватска беше малку попаметна процедурата, а вие спомнавте и некои други две земји, но тоа беше еден не многу поволен период за проширувањето, ситуацијата беше малку заглавена. Но денес имаме нова геополитичка ситуација и мислам дека сите сме свесни дека Западен Балкан треба да биде во ЕУ. Се разбира, Западен Балкан треба да биде подготвен, без сомнение, но постапката треба да биде непречена со оглед на геополитичката ситуација. Западен Балкан треба да биде во Европа. Затоа мислам дека, да се вратам на вашето првично прашање, 2030 година, ако сè оди без проблем, е остварливо. Еден од приоритетите на чешкото претседателство е Украина, управувањето со бегалската криза и повоената обнова на Украина, како и градењето нова безбедносна архитектура. Кои се начелата на новата безбедносна архитектура? -Тоа е една од најважните и потешки задачи за чешкото претседателство. Иако Чешка не е соседна земја и растојанието меѓу Прага и Киев е исто како Прага и Скопје, имаме многу повеќе украински бегалци. Но, не се работи само за Чешка туку за цела Европа и треба да делуваме. Има нова архитектура во Европа со оглед на руската агресија во Украина, со оглед на новата улога на Кина... Но треба да ја поддржиме Украина, треба да се потпреме на и да бидеме активни со руските санкции - замрзнување на средства и имот, забрана за патување, дури и треба да поттикнеме алтернативна енергија бидејќи тоа е многу важно за европската безбедносна архитектура. Никогаш нема да биде исто како порано, но војната сè уште трае, па да се обидеме да направиме сè војната да заврши, а потоа реконструкција на Украина и изградба на нова безбедносна архитектура на Европа. По Ковидот, најголем предизвик за ЕУ претстојната зима ќе биде надминувањето на енергетската криза. Тоа ќе биде тест за чешкото претседателство, и за кредибилитетот на самата Унија. ЕУ постигна договор за штедење на гасот, но со повеќе исклучоци, колку овој договор ќе ја амортизира енергетската криза? - Дефинитивно овој договор ќе помогне затоа што оваа зима ќе биде поинаква, ќе биде тешка и многу поразлична од претходните зими. Ќе мора да примениме поинаков пристап, но можеме да најдеме примери во минатото. Во 1973 година имаше нафтен шок и за неколку години, за една деценија ситуацијата се врати во нормала затоа што ги променивме нашите ставови, го променивме нашиот пристап кон изворите, природните ресурси. Претходно производството на електрична енергија се базираше на сурова нафта повеќе од 25 проценти, повеќе од една четвртина, а по една деценија беше помалку од 10 проценти. Во тој период изборот беше нуклеарна енергија, но сега имаме зелен договор, имаме пренасочување кон други извори на енергија, па затоа треба да бидеме поактивни преминувајќи кон зелениот договор. Од друга страна, тоа не може да се направи преку ноќ, па веројатно ќе се смени ставот кон нуклеарната енергија и Германија веќе го промени својот став. Тоа ќе го продолжи траењето на енергијата базирана на јаглен, така што ќе биде комбинација од различни пристапи, ќе се бараат алтернативни извори. ЕУ е многу зависна од руската сурова нафта и гас, па затоа треба да размислиме за други дестинации како Норвешка, Азербејџан, тоа ќе помогне на некој начин но нема да ја реши ситуацијата, така што тоа е комбинација од различни пристапи, нема да се реши преку ноќ, оваа зима, а и следните зими ќе бидат тешки, но можеби за некои пет години ќе се вратиме во нормала. Неда Димова Прокиќ Фото: Фросина Насковиќ Видео: Срѓан Крстиќ, Аслан Вишко

             

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан