• сабота, 27 јули 2024

Лорковски за МИА: Колку повеќе обновливи извори, интеграција со соседите и енергетска ефикасност, толку пониска цена на струјата

Лорковски за МИА: Колку повеќе обновливи извори, интеграција со соседите и енергетска ефикасност, толку пониска цена на струјата

Скопје, 8 јули 2024 (МИА) - Зголемување на обновливите извори на енергија, интеграција со соседите и енергетска ефикасност се факторите, кои ќе влијаат на намалување на цената на електричната енергија во земјава, а колку повеќе и подолго се користи јагленот, толку ќе биде повисока цената во иднина, вели во видео интервју за МИА директорот на Секретаријатот на Енергетската заедница, Артур Лорковски кој денеска е во посета на земјава. Нагласува дека тоа се многу едноставни избори, но напоменува дека ова е одлука за која, како што посочува, наскоро треба Владата да направи стратегија и да ја достави до Секретаријатот.   

Прашан кои се неговите очекувања за цената на струјата во иднина, Лорковски, вели дека Северна Македонија е земја со пазарна економија, и дека основно правило во пазарната економија е дека цената треба да ја покрие цената за производство.

- Следејќи го овој пример, колку повеќе обновливи извори ќе бидат во системот, толку поевтина ќе биде струјата. Колку поголема интеграција со соседите, така што трошоците за баланс ќе бидат пониски, пониска ќе биде и цената во иднина. Колку е помала потребата од енергија поради зголемената енергетска ефикасност, пониска ќе биде и цената. Така што, ова се многу едноставни избори. Но, колку повеќе и подолго користите јаглен, повисока ќе биде и цената во иднина. Така што, во одреден момент ќе треба да донесете одлука и таа одлука е токму тоа што го очекуваме од вашата Влада – да достави до Секретаријатот стратегија до 2030 и да објасни која ќе биде стратегијата за декарбонизација, кој е капацитетот на обновливи извори, која е визијата за интеграција на регионалниот пазар, кои се идните производни капацитети базирани на јаглен. Ова е одлука што наскоро треба да биде донесена од вашата Влада, изјави Лорковски во интервјуто што утре ќе биде објавено во целост.

Во однос на нашиот пат кон целосна интеграција со Европската заедница на полето на енергетиката, Лорковски вели дека сме точно на средина. Најмногу е направено на полето на електричната енергија, додека потребно е подобрување на перформансите на полето на гасот и декарбонизацијата. 

Причина за неговата посета, нагласува Лорковски, е да се најде начин со новата Влада и Собранието за да се воспостави работна програма за следните месеци и години, како да се постигне напредок во иднина. аа/ац/

Фото и видео: МИА

Остани поврзан