• недела, 24 ноември 2024

Ломбардија и уште 14 провинции во карантин поради новиот коронавирус

Ломбардија и уште 14 провинции во карантин поради новиот коронавирус
Рим, 8 март 2020 (МИА) - Италијанскиот премиер Џузепе Конте утрово потпиша наредба со која до 3 април се во карантин Ломбардија и уште 14 провинции, во кои живеат повеќе од 15 милиони луѓе. Ломбардија, чија финансиска престолнина е Милано е најбогатиот и најнаселен регион во Италија. Новите правила вклучуваат луѓето да не можат да патуваат од и во Ломбардија, каде живеат околу 10 милиони луѓе. Мерките ќе важат и за уште 14 италијански провинции. Сите музеи, вежбалници, културни центри, скијалишта и базени ќе бидат затворени. Мерките беше предвидено да стапат во сила вчера, но локалните политичари побараа повеќе време за разгледување на рестрикциите. Италијанската Влада вчера донесе одлука за дополнително вработување на околу 20.000 здравствени работници, како и зголемување на бројот на кревети во болничките одделенија за интензивна нега да го зголеми од 5.000 на 7.500. Планирано е вработување на 5.000 лекари специјалисти, 10.000 медицински сестри и 5.000 негуватели. Владата планира и привремено вработување на пензионирани лекари. Новите мерки предвидуваат и претворање, по потреба, на некои хотели во приемни центри за лица во карантин. Во Италија со новиот коронавирус се регистрирани 5.883 лица, од кои 233 починале, од кои 50 во последните 24 часа, а 589 оздравеле. Додека во Бугарија, Молдавија и Аргентина се регистрирани првите пациенти од новиот коронавирус. Досега над 100 држави пријавија пациенти инфицирани со новиот коронавирус. Во Бугарија регистрирани се првите два случаи на Ковид-19. Една жена и еден маж се инфицирани со новиот коронавирус. Тие изјавија дека не патувале во странство. И Молдавија го пријави првиот пациент инфициран со Ковид-19. Додека во Јужна Америка односно во Аргентина е регистриран првиот смртен случај. Почина 60-годишен маж кој неодамна престојувал во Европа. Во Австрија според најновите податоци, новиот коронавирус е потврден кај 104 луѓе, а само за еден ден имало 17 нови заразени лица. Според последните извештаи, повеќе од 106.190 луѓе се инфицирани со Ковид-19 ширум светот, од кои најголемиот број се во Кина. Бројот на смртни случаи се искачи на 3.600, додека повеќе од 60.190 луѓе оздравеа од новиот коронавирус. ми/

Остани поврзан