• четврток, 26 декември 2024

Локдаунот во Холандија не успеа да го запре Омикрон

Локдаунот во Холандија не успеа да го запре Омикрон

Амстердам, 4 јануари 2022 (МИА) - Инциденцата на коронавирус во Холандија, и покрај заклучувањето, се зголемува поради брзото ширење на сојот Омикрон, покажуваат податоците од денешниот холандски национален здравствен институт, јави ДПА.

Зголемување од речиси 35 отсто на позитивните тестови е регистрирано во изминатите седум дена, соопшти Институтот.

Варијантата Омикрон е доминантна од крајот на минатиот месец во државата која има 17,5 милиони жители. Седумдневната инциденца се искачи на 639 на 100.000 жители.

Првично, бројот на новозаразени нагло падна по воведувањето на последното заклучување пред повеќе од две недели. Мерките предвидуваа затворање на сите продавници за несуштински стоки, други малопродажни места, целиот хотелски и ресторански сектор, спортски места и откажување на културните настани. Супермаркетите, аптеките и продавниците останаа отворени, иако со намалено работно време.

Училиштата треба да бидат отворени следната недела, додека колеџите и универзитетите остануваат затворени.

Сегашното заклучување треба да заврши на 14 јануари.

Иако бројот на хоспитализирани пациенти со Ковид-19 опаѓа, експертите предвидуваат ново зголемување од средината на месецот. паг/

Остани поврзан