• недела, 24 ноември 2024

Локалниот економско-социјален совет на Куманово расправаше за ублажување на последиците од енергетската криза

Локалниот економско-социјален совет на Куманово расправаше за ублажување на последиците од енергетската криза
Куманово, 3 март 2022 (МИА) - Членовите на Локалниот економско-социјален совет на Општина Куманово одржаа работен состанок на кој разговараа за преземање мерки за ублажување на последиците од енергетската криза, соопштија денеска надлежните. На средбата присуствуваа повеќе претставници од бизнис заедницата, од компаниите од Куманово кои користат фотоволтаици. - Многу скоро планираме да одржиме средба до бизнис заедницата, со големите потрошувачи, а ќе бидат поканети и претставници од училиштата, установите за да им се пренесат искуства од користење на фотоволтаични панели, да се увидат заштедите. Планираме да презентираме добри практики, да повикаме претставници од институции кои даваат грантови или каква било поддршка за поставување на панелите. Секако ќе ги поканиме сите заинтересирани граѓани кои можат да пренесат свои искуства или оние кои планираат да постават, изјави претседателот на Локалниот економско-социјален совет, Најден Бајдевски. На работната средба се дискутирало за користење и функционирање на соларни фотонапонски панели во домаќинства и компании, кои штедат енергетски ресурси и ја заштитуваат животната средина. Од Локалниот економско-социјален совет сметаат дека во согласност со воспоставувањето на демократски и социјален дијалог за постигнување на стабилен социјален мир, потребно е активно вклучување на сите социјални партнери во процесот на одлучување по значајни економски и социјални прашања во една локална заедница. На средбата покрај, членовите на Локалниот економско-социјален совет Куманово, присуствуваа претставници од Совет на Општината, од секторите за урбанизам и за комунални работи, инфраструктура и сообраќај и заштита на животната средина и природата, како и претставници од општински училишта и компании. Општина Куманово во 2019 година по неколкугодишна пауза го формираше Локалниот економско-социјален совет на иницијатива на синдикатите, бизнис заедницата и на општината.ам/вј/

Остани поврзан