• петок, 27 декември 2024

Локалната самоуправа во Македонска Каменица наскоро воведува дигитализација на јавните услуги

Локалната самоуправа во Македонска Каменица наскоро воведува дигитализација на јавните услуги
Македонска Каменица, 3 ноември 2022 (МИА) - Локалната самоуправа во Македонска Каменица започнува со дигитализација на јавните услуги, со цел граѓаните да можат на побрз и поедноставен начин да ги остваруваат своите права. Активноста, како што информираа од Општината, ќе се реализира преку платформата #мЗаедница која наскоро ќе стане достапна за граѓаните.
-Ветивме целосна дигитализација на услугите во Општина Македонска Каменица и забрзано чекориме во тој правец. Платформата #мЗаедница наскоро ќе стане достапна за нашите сограѓани. Преку оваа мобилна и веб апликација, секој ќе може да комуницира со вработените во Општината, да влијае на тековните активности, но и да ги реализира сопствените права, истакнаа од Општината
Преку апликацијата, како што се наведува, покрај тоа што директно ќе можат да комуницираат со Општината и со одговорните службеници од секој сектор, ќе можат да го следат и статусот на пријавениот проблем.
-На овој начин, Општината воспоставува систем на континуирана двонасочна комуникација со граѓаните. Општинските служби ќе бидат поинформирани за сите случувања на терен, во реално време и ќе се придонесе кон креирање на поквалитетни и одржливи политики, кои одговараат на потребите на локалното население, додадоа од локалната самоуправа.
Општината ќе продолжи да работи на испорачување на подобри јавни услуги кон сите граѓани, коишто, се додава можат да се добијат со помалку трошоци и помалку потрошено време.
Активноста е дел од проектот „мЗаедница за еЗаедница“, поддржан од проектот за Зголемување на граѓанското учество во Дигиталната агенда – ИЦЕДА, кофинансиран од Европската Унија. вс/вг/

Остани поврзан