• петок, 27 декември 2024

Локален совет за превенција за проблемите во штипската населба Света Недела

Локален совет за превенција за проблемите во штипската населба Света Недела

Штип, 20 ноември 2023 (МИА) - Градоначалникот на Општина Штип, Иван Јорданов, денеска го свика Локалниот совет за превенција, на којшто централна тема беа проблемите со електричната енергија и водоснабдувањето во населбата „Света Недела“, поради нелегалните приклучоци на електричната и водоводната мрежа и се поголемиот број на изградени дивоградби во овој дел на градот.

Штипскиот градоначалник, Јорданов, вели дека проблемите во овој дел на градот се провлекуваат неколку години, а за да се решат потребна е заедничка координирана акција со сите институции и на централно ниво.

- Искомунициравме во насока на тоа што треба да преземат сите институции заеднички, за да се намалат овие девијантни појави и однесувања. Претставниците од сите институции се согласни во иднина се испрати допис и барање до СВР Штип за полициска асистенција за да можат да бидат отсранети сите нелегални приклучоци и нелегални објекти, што го загрозуваат домувањето и начинот на домување на легалните објекти во населбата, вели Јорданов.

Тој посочи дека со проблемов не се соочени само жителите од оваа населба, туку и сите граѓани на Општина Штип, кои на своите сметки за струја ги плаќаат и загубите. На состанокот присуствуваа и жителите на Урбаната заедница „Света Недела“, кои истакнаа дека поради слабата електричната мрежа постојано им се расипуваат апаратите, а поради заплетканата мрежа од кабли над нивните улици не можат да интервинираат Противпожарната единица, како и да им влезат камиони за испорака на дрва, мебел и друга стока.

Претставникот на ЕВН на денешната седница на Локалниот совет за превенција истакна дека во овој дел има околу 150 дивоградби, а голем дел од нив се и нелегално приклучени на електричната мрежа. Како компанија се засегнати да се реши проблемот, со цел да има нормално снабдување со струја на домаќинствата кои имаат легални објекти и приклучоци на нивната мрежа.

Раководителот на инспекциските служби во Општина Штип, Тоше Ѓоргиев, истакна дека во голем дел од нелегалните објекти живеат луѓе од други градови, коишто на инспекторите им посочуваат дека овде живеат, бидејќи не плаќаат струја и вода. Тој побара полициска асистенција за овие граѓани да се вратат во своите градови и населени места, како и за уривање на дивоградбите. вдј/ сан/

Фото: МИА

Остани поврзан