• вторник, 24 декември 2024

Лога: Односот на Сиљановска-Давкова кон уставното име е лош пример за еден државник

Лога: Односот на Сиљановска-Давкова кон уставното име е лош пример за еден државник

Скопје, 14 мај 2024 (МИА) - Министерот за правда Кренар Лога смета дека она што го направи претседателката Гордана Сиљановска-Давкова на свечената заклетва кога не ја употреби придавката „Северна“ е лош пример за државник и за професор по уставно право. Лога очекува ваквиот чекор на Сиљановска-Давкова ќе се поправи. 

Според Лога, ваквиот однос на Сиљановска-Давкова кон Уставот и уставното име, во иднина може да поттикне и други индивидуи или цели групи кои нема да го почитуваат уставното име на државата.

 - Од друга страна, тоа е лош пример затоа што утре на пример ќе имаме заклетва од полицајците, припадници на Армијата и други, каде секој по своја волја ќе може да даде заклетва, некој ќе каже дека заклетва дава на Република Северна, некој ќе може да каже некој друг поим. Иако таа вели дека е потпишана на документ на кој го има уставното име, тогаш која е логиката на заклетвата како церемонија пред 120 пратеници и храмот на демократијата кој вие не го почитувате, бидејќи тоа е Собрание на Република Северна Македонија, вели Лога во интервју за „Слободен печат.

Лога очекува ваквиот потег на Сиљановска-Давкова да биде поправен, но, како што посочува, штетата е направена.

- Јас очекувам овој лош чекор да се поправи, гледаме дека има одредено ретерирање од нејзина страна, но тоа се случува после два дена откако бевме нападнати од сите наши сојузници и соседи и тоа не беше добар почеток на мандатот, оценува Лога во интервјуто.

Неупотребата на уставното име на државата од страна на новата претседателка на државата покрена реакции од меѓународната заедница која повика на почитување на билатераните договори, вклучително и на Преспанскиот договор и Договорот за добрососедство со Бугарија. Од Кабинетот на претседателката Сиљановска-Давкова вчера изјавија дека таа ќе се придржува до официјалната примена на уставното име, но дека во своите јавни настапи има право да го употребува името Македонија како чин на лично право на самоопределување и самоидентификација. 

- Согласно Уставот, како што беше подготвена од службите на Собранието, свечената заклетва беше потпишана со користење на уставното име. Македонските институции во последниве пет години речиси целосно ги исполнија обврските од Преспанскиот договор и претседателката очекува сите македонски партнери да ги почитуваат билатералните и мултилатерални обврски кои ги презеле кон земјата, нагласија од Кабинетот на Сиљановска-Давкова. бак/са/

Фото: МИА архива

Остани поврзан