• вторник, 24 декември 2024

Лога ќе бара објаснување на владината седница во вторник за законот за амнестија

Лога ќе бара објаснување на владината седница во вторник за законот за амнестија

Скопје, 3 ноември 2023 (МИА) - Министерот за правда Кренар Лога вечерва изјави дека бил изненаден од одлуката на пратениците од СДСМ да гласаат против законот за амнестија и оти не бил информиран зошто не гласале тој да влезе во собраниска процедура по скратена постапка. Ова, како што кажа, како тема ќе го постави на редовната владина седница во вторник.

-Дилемата дали ни треба овој закон или не, се разгледува во матичните комисии кога би се дискутирало за тоа дали тоа би било најдоброто можно решение или е нешто друго во прашање, рече Лога во интервјуто во Топ Тема на ТВ Телма.

Министерот Лога рече дека не знае дали имало партиски прегрупирања и дека кога го образложувал законот кажал дека ќе биде среќен ако тој помине во Собранието. 

- Во Собрание гледам и пратеници од ВМРО - ДПМНЕ, кои беа против измените на Кривичниот законик, како Милошоски, за утредента со адвокати да бараат нивните дела да застаруваат. За каков морал зборуваме тука ?! А од друга страна имам коалициски партнери кои имаат два поранешни генерални секретари кои ја издржуваат казната притвор и куќен притвор по хотели, или во Систина или на Клинички. Кога имате од една страна такви привилегирани луѓе од моќни партии во државата, а од другата страна имате докази со слики и секако друг материјал кој е доставен до пратениците уште од сабајле, од состојбите во затворите, и сега ме прашувате за политика, рече Лога.

Според министерот за правда, Судскиот совет е генератор на сите проблеми во судството и под итно тој состав, како што кажа, треба да заврши во историја и членовите да сносат одговорност. Смета дека е потребен нов јавен обвинител, за што Собранието наскоро ќе распише оглас, нов состав на Судскиот совет и нов АКМИС систем. 

Лога најави дека новиот Кривичен законик следната недела ќе биде ставен на ЕНЕР за коментари.

-Верувам дека нема да има никаков проблем за да се гласа од страна 120 пратеници во овој состав. Не би требало да имаме никаква пречка да се гласа од овој состав. Ќе би биде потребен и за извештајот на ЕК, изјави Лога. 

Исто така најави дека следната недела ќе бидат презентирани измените на Изборниот законик согласно забелешките на ОБСЕ/ОДИХР што се изработени од работната група во Министерството за правда. 

За изборите следната година, Лога рече дека ако има уставни измени ќе треба да има еден циклус, но ако нема уставни измени смета дека ќе треба да има двојни избори. Лога вели дека Алијанса за Албанците најверојатно ќе оди сама на избори. ев/ир/

 

Фото: Телма

Остани поврзан