• среда, 25 декември 2024

ЛК: Комисијата за етички и правни прашања ќе ги разгледува извештаите за починатото бебе во Скопје и родилката од Куманово

ЛК: Комисијата за етички и правни прашања ќе ги разгледува извештаите за починатото бебе во Скопје и родилката од Куманово

Скопје, 17 октомври 2024 (МИА) - Во текот на денешниот ден ќе се одржи состанок на Комисијата за етички и правни прашања, ќе се разгледаат извештаите за починатото дете и за извршениот надзор над стручната работа на ЈЗУ Општа болница - Куманово во врска со лекувањето и третманот на починатата родилка и нејзиното новороденче, подготвени од комисија формирана од министерот за здравство, информираат попладнево од Лекарската комора.

Оттаму појаснија дека вчера доцна попладне бил добиен извештај од извршен надзор врз стручната работа на Универзитетската Клиника за детски болести и ЈЗУ Универзитетска клиника за респираторни заболувања кај децата - „Козле“ во Скопје, во врска со лекувањето на починатото дете, подготвен од страна на комисијата.

- За овој случај, Комората исто така доби допис и од ЈЗУ Универзитетска клиника за респираторни заболувања кај децата „Козле“ - Скопје, каде оваа здравствена установа дава свое гледиште и став во врска со наводите од извештајот на Министерството за здравство, велат од Лекарската комора.

За исходот од работата на Комисијата и донесените одлуки за понатамошно постапување, дополнително ќе се излезе со информации. бд/са/

Фото: МИА архива

Остани поврзан