• четврток, 26 декември 2024

Ли предупреди на евентуален „хаос и судири“ во Азија

Ли предупреди на евентуален „хаос и судири“ во Азија

Пекинг, 30 март 2023 (МИА) – Азија мора да избегне хаос и конфликт или иднината на регионот ќе биде изгубена, изјави денеска премиерот на Кина, Ли Кечијанг на годишниот Форум Боао за Азија, што се одржува на кинескиот остров Хаинан.

- Во овој неизвесен свет, безбедноста што ја нуди Кина е сидро за светскиот мир и развој. Така беше во минатото и така ќе остане и во иднина, истакна Ли, додавајќи оти Кина ќе продолжи со реформите и отворањето.

Ли посочи дека и покрај слабите економски податоци во првите два месеци од 2023 година, Кина е на пат кон закрепнување по завршувањето на политиката со нулта стапка на Ковид, што беше укината во декември минатата година по ретките масовни протести во земјата.

- Кина ќе продолжи да бара напредок додека ја одржува стабилноста, ќе го консолидира и проширува моментумот на економското закрепнување и ќе го промовира севкупното подобрување на економските перформанси на Кина, наведе Ли.

Кинеската економија во 2022 година забележа раст само три проценти, што е најслаб перформанс во последните децении, со исклучок на 2020 година, кога коронавирусот го наруши бизнисот, патувањето и трговијата.

На Форумот пррисуствуваат десетици деловни лидери, вклучително и извршниот директор на „Епл“ (Apple), Тим Кук, главниот извршен директор на ХСБЦ, Ноел Квин и основачот на „Блекстон“ (Blackstone), Стивен Шварцман

Меѓу политичките лидери кои присуствуваат на настанот се шпанскиот премиер Педро Санчез, чија земја од 1 јули претседава со ЕУ, како и малезискиот премиер Анвар Ибрахим. ми/

Остани поврзан