• сабота, 09 ноември 2024

Лицата без документи на чекор до правен идентитет

Лицата без документи на чекор до правен идентитет

Скопје, 23 јули 2023 (МИА) – Евиденцискиот број од посебната матична книга на родените на Зулфија Амза и уште седумстотини други лица без лични документи наскоро ќе стане матичен. Со усвоените измените на Законот за матична евиденција, сите лица без документи во државава кои се бореа со системот за да го докажат правниот идентитет, да добијат лични документи, а со тоа и пристап до основните права, треба да станат полноправни граѓани на Република Северна Македонија. 

За педесет и пет годишната Зулфија Амза, невработена жена која што никогаш нема посетено лекар, ова е остварување на сонот.

- Немам здравствена книшка да одам да се лечам, да видам што ми е. Ќе бидам многу благодарна ако ми извадите извод, лична карта, да си извадам здравствена книшка, да се лечам, да си добијам социјално, вели таа.

Решението за социјална помош на Амза се сопнува на првиот шалтер во банка, од каде за отворање на сметка ѝ бараат матичен број. 

- Еве го решението, меѓутоа, не можам да ги земам парите. Одам во банка ми кажуваат дајте ни или пасош, или лична карта, вели таа.

За да се прехрани, таа проси. Нејзината почината сестра, исто така лице без документи, има две деца без документи кои што не одат на училиште. 

- Не одат на училиште, не се писмени. Цел ден се дома, ако одат и тие по канти, да соберат пластики. И по канти јадат, немаат каде, не земаат социјално, бедни се и тие како мене, вели Амза.

Од Министерството за труд и социјална политика за МИА велат дека предизвикот на оваа категорија на лица е нотиран во 2011 година, по што Владата формира меѓуресорска работна група составена од претставници на министерства, меѓународни организации и невладини организации, чија задача беше да ја утврди приближната бројка на лица без документи и да предложи мерки за надминување на овој проблем. 

Во 2018 година повторно се актуализира овој проблем како суштествен за остварувањата на правата на граѓаните нерегистрирани во Матична книга на родени. За таа цел, МТСП  (како координатор на активностите за решавање на проблемот со оваа категорија на лица), за да се добие приближно точна бројка на сите лица кои се на територија на Република Северна Македонија но не се регистрирани во Матична книга на родени (немаат прв извод на родени), заедно со Управата за водење на матични книги, во април 2018 отвори јавен повик до сите лица кои не се евидентирани во Матична книга на родени да дојдат до подрачните единици на Управата и да пополнат прашалник за причините на нивното неевидентирање. 

- По насока на МТСП се формираа локални мобилни тимови составени од претставници од Управата за Водење на Матични книги на родени, МВР, ЦСР, Ромски НВО, Ромски информативни Центри кои ги посетија директно населбите за кои имаа информација дека постојат лица неевидентирани во МКР, за истите се пополнија прашалници и се направи посебен електронски регистар за овие лица во кој се внесоа околу 700 неевидентирани лица, велат од МТСП. 

Во текот на 2020 се подготви посебен закон само за оваа категорија на лица и со овој закон се овозможи лицата неевидентирани во матична книга на родени да се евидентираат во посебна матична книга на родени, заради добивање на извод од посебната матична книга на родени и идентификациона исправа (лична карта) заради остварување на право на образование, здравствена заштита, социјална заштита и вработување со задолжително социјално осигурување, до дополнителен упис во редовната матична книга на родените и добивање на прв извод од матичната книга на родени. Законот беше усвоен од Владата и Собранието на Република Северна Македонија на 10 февруари 2020 од кога и започна неговата примена.

Според Соња Мираковска, пратеничка од Нова социјалдемократска партија и претседателка на Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците, Законот за неевидентирани лица не ги даде очекуваните резултати.

- Затоа Комисијата за политички систем направи надзорна расправа на која констатиравме дека решението мора да биде трајно, по Законот за матична евиденција и како пратеници донесовме измени, практично на Законот за матична евиденција за уредување и пренос на сите лица кои се евидентирани во посебната книга во редовна книга и сите оние кои што се пријавиле 2018 на повикот и пополниле прашалници, имаме вкупно околу 700 луѓе, да можеме да ги евидентираме.

Мираковска појаснува дека се различни постапките за оние граѓани кои веќе се впишани во посебната матична книга. 

- Во рок од 90 дена ќе бидат префрлени во редовната книга, нормално, врз основа на неколку преодни и завршни одредби од член 7, 8 и 9 ќе бидат проверени, ќе бидат пренесени во редовната матична книга. Сите оние случаи кои поднеле барање, а не е завршена постапката, ќе се заврши по овој закон и последната група, тоа се еден дел од граѓаните кои што сметајќи дека законот е нефункционален воопшто не поднеле барање, врз основа на нивни барања а се наоѓаат на евидентационата листа која што е направена во 2018 година, постапката ќе се води по овој закон и рокот кој го дадовме е до крајот на годината, појаснува таа.

Проблемот, според неа, е со личната карта и со живеалиштето, закони, за кои допрва ќе се решава.

- Во моментов во собраниска процедура треба да влезе Законот за живеалиште и престојувалиште и Законот за лична карта. Исто така, ќе биде поднесен од пратеници. Со тие два закони, практично ќе овозможиме сите граѓани во Република Северна Македонија да добијат лична карта, вели таа, дополнувајќи дека овие два закони нема да имаат ограничен рок, односно, во моментот кога ќе поднесат барање ќе бидат услужени од управата.

Љатифе Шиковска, пратеничка од Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, посочи дека по распадот на Југославија, започна овој проблем во однос на нерегистрирани деца во матичните книги на родени и кога требаше да се реши граѓанскиот статус, како што рече, во тоа време најзасегнати останаа Ромите.

- Од финансиски аспект а и од неинформираност, не знаеја како на побрз начин да го решат нивниот проблем во однос на личната документација. Меѓутоа, со текот на времето, поминаа веќе 30 години, иако граѓанските организации работеа во овој дел во однос на поддршка за регистрација на лицата кои што не се регистрирани, сепак, ние денеска разговараме за една бројка која што сѐ уште остана нерегистрирана, и сѐ уште не им е решен граѓанскиот статус, да ние конечно им го решиме, вели таа..

Откако ќе се реши граѓанскиот статус, според Шиковска, сите тие кои што имаат први изводи на родени, затоа што најголемиот дел се деца, ќе имаат право на образование, здравство и социјална заштита, и сите оние бенефиции што секој еден граѓанин ги ужива.

- Секако, за жал имаме и возрасни лица кои сѐ уште го немаат првиот извод на родени кој ќе треба да го добијат, а за нив, секако, потоа ќе треба да следи и вадење на првата лична карта. Тоа, на некој начин значи живот за тие граѓани. Тоа значи дека системот ќе ги препознава и дека ќе ги уживаат сите права и обврски што секој еден граѓанин ги ужива во нашата држава, вели таа.

Шиковска дополнува дека клучна улога во помошта околу реализирањето на сето ова ќе имаат граѓанските организации кои се на терен, блиску до лицата без документи и кои што ќе им помогнат финансиски да ги подмират административните трошоци на кои што ќе бидат изложени.

По случајот со Мемет Камбер, 19-годишното момче без документи кое почина поради недијагностициран дијабет, Собранието пред повеќе од еден месец ги усвои измените на Законот за матична евиденција кои овозможуваат решавање на сите познати случаи на бездржавјанство, како и секое дете родено во земјата да добие извод при раѓање, без разлика дали неговите родители се без документи или без државјанство.

За таа цел во тек се регионални работилници организирани од Мисијата на ОБСЕ во Скопје и УНХЦР низ земјата, за да се обучи административниот персонал за практична примена на новоусвоените измени и дополнувања на Законот за матична книга на родените во врска со задоцнета регистрација на нерегистрирани лица во Северна Македонија.

Според Александра Цветановска, претседателка на Македонското здружение на Млади правници, кое веќе 13 години обезбедува бесплатна правна помош за регулирање на престој за упис во државјанството и упис во матичната книга на родените, со овие измени овие лица повеќе нема да бидат невидливи лица и ќе ги уживаат сите човекови права.

- Тоа значи дека овие лица нема да бидат повеќе маргинализирани и дискриминирани, тоа значи дека ќе ставиме крај на бездржавјанството, нешто што е многу важно за сите нас. Законот ќе превенира во иднина да не се случуваат вакви случаи, односно да немаме лица кои што не се запишани и немаат извод, а новите измени носат и голема промена, односно, по секое раѓање на детето, во рок од 45 дена секое новороденче ќе може да добие извод без разлика за статусот на неговите родители, вели таа.

Цветановска појаснува дека со измените е предвидена олеснета постапка за запишување на лицата кои веќе имаат документи од посебната матична книга на родените.

- До крајот на 2023 законот предвидува сите лица со документи од посебната матична книга на родените и тие кои се во посебната евиденција да се запишат во редовна. Истовремено е зголемена улогата на Центрите за социјална работа во постапката за упис во матичната книга на родени, како и можност извесни факти кои не можат да се утврдат на друг начин, да се утврдат со посебни изјави заверени на нотар, вели таа. 

Дополнува дека во тек е подготовка на упатство за водење на матични книги согласно новиот закон, обуки за матичарите и вработените во ЦСР како и решавањето на случаите.

Законските измени ги поздравуваат и Мисијата на ОБСЕ во Скопје и УНХЦР

Според Килијан Вал, Шефот на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, ова е амбициозна, но остварлива цел.

- Се надеваме дека Северна Македонија навистина ќе стави крај на бездржавјанството до крајот на 2023 година. Сите се трудиме за да го достигнеме ова и кога еднаш ќе се достигне, тоа е еднa амбициозна цел, но, мислам дека е возможнa, Северна Македонија ќе биде првата земја во Европа, но, исто така и една од првите земји глобално, што ставиле крај на бездржавјанството, вели тој.

Според Вал, Северна Македонија, покажува колку може да се постигне ако има национално единство, и, како што вели, тоа национално единство ја прави земјата лидер, не само во регионот, туку глобално.

Кристина Бунеа, претставничка и одговорна офицерка во Претставништвото на УНХЦР во Северна Македонија, вели дека со ова Северна Македонија е многу блиску до историски момент бидејќи ставањето на крај на бездржавјанството е многу важно за граѓаните.

- Многу важен аспект од последните законските измени е фактот што бездржавјанството ќе има системско решение и ние мора да се осигураме дека нема само да ги решиме актуелните случаи, туку и дека нема да има нови во иднина. Ова е благодарение на последните измени на законот, но, исто така, е важно да се спомене дека ќе бидат потребни големи заложби од сите, за да се осигураме дека ниту едно дете нема да остане нерегистрирано, посочува таа.

Ангела Рајчевска

Видео и монтажа: Срѓан Крстиќ

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан