• недела, 24 ноември 2024

Литијата со моштите на Свети Ѓеоргиј Победоносец традиционално утре во Струга

Литијата со моштите на Свети Ѓеоргиј Победоносец традиционално утре во Струга

Струга, 6 мај 2024 (МИА) - На раскошно украсени епитафи и традиционалните торжества, моштите на „Свети Георгиј Победоносец“, чудотворната икона на светецот и Крнинската икона на Богородица, утре ќе ја осветат Струга.

Традиционално, на 7 мај, моштите и чудотворните икони носени од угледни граѓани, предводени од локалното свештенство и братството и сестринството од Бигорски, манастирите во Рајчица и Пречиста, по вечерната служба ќе тргнат од храмот „Свети Георгиј“ и ќе поминат низ струшките улици, покрај кејот на реката Црн Дрим, низ Чаршијата придружувани од голем број верници.

Сестра Ефимија од женскиот манастир во Рајчица за МИА информира дека и годинава поворката ќе ја води церемонијално полициско возило, кое на симболичен начин ќе го одбележи чествувањето на свети великомаченик Георгиј, како покровител на полициските и безбедносни сили. Меѓу возилото и литијата ќе дефилира коњаник, облечен во римска трибунска воена облека, изработена од автентични материјали, којашто е верна копија на оригиналните воени оклопи од тоа време, дело на познат италијански експерт за историјата на древната Римска империја. Коњаникот, кој во раката ќе држи палмова гранка како симбол на мирот, ќе има улога на посебен редар и најавувач на процесијата.

- На чело на Еордијата ќе биде член од Бигорското братство со клепало, потоа носачи на крстови, рипиди, знамиња, псалти и братството на Бигорскиот манастир, оркестарот на Град Скопје, чудотворните икони на Свети Георгиј Победоносец и Пресвета Богородица - Крнинска, сестринствата од манастирите во Рајчица и Пречиста, свештенството на Дебарско-кичевската епархија, митрополитот Дебарско-кичевски г. Тимотеј и епископот Антаниски г. Партениј, и најпосле, најголемата светиња - моштите на светецот во раскошно украсен епитаф, појаснува сестра Ефимија.

Моштите, додва, и овој пат ќе бидат носени од четворица видни граѓани, а ќе бидат придружувани и чувани од четворица капетани од сејменската гарда на Бигорскиот манастир, облечени во традиционална мијачка носија, со сејменски ќостек на градите, на којшто е претставен ликот на Свети Јован Крстител. Зад сердарите ќе оди сејменската гарда, чии членови ќе бидат, исто така, облечени во традиционални мијачки носии, со ќостек на градите со ликот на Свети Георгиј Победоносец.

- Традиционално, моштите на светецот ќе пристигнат од нашиот манастир во Рајчица, а чудотворната икона на Пресвета Богородица од манастирот Пречиста во Кичево. Овие големи светињи ќе бидат поставени за поклонение во храмот „Свети Георгиј“ во Струга. Во 16 часот ќе биде отслужена ктиторската вечерна богослужба, после што ќе следи Еордијата, која ќе започне веднаш по богослужбата во 17 часот. Литијата ќе тргне од храмот на светителот, ќе поминува низ централните градски улици, од другата страна на кејот на реката Црн Дрим, низ Чаршијата и повторно ќе се врати во црквата, истакна сестра Ефимија.

Верниците и сите добронамерници ќе се движат после гардата, а оние кои не можат да се вклучат во Литијата, ќе останат на двете страни од улиците и заедно со дечињата облечени во народна носија ќе ги поздравуваат моштите со зборовите „Христос воскресна! Навистина воскресна!". сс/бак/

Фото: МИА архива

Остани поврзан