• петок, 27 декември 2024

„Литера“ ги додели признанијата за најдобри изданија за деца

„Литера“ ги додели признанијата за најдобри изданија за деца

Скопје, 28 мај 2023 (МИА) - Меѓународниот фестивал за литература и илустрација за деца „Литера“ ги додели признанијата за најдобри изданија во изминатите две години. Со тоа го заокружи своето петто издание, што годинава се реализираше од 23 до 27 мај во Музејот на град Скопје.

- Наградата за најдобра сликовница ја доби „Невидлива куќа“ по текст на Билјана Црвенковска, со илустрации на Ване Костуранов, во издание на „Чудна шума“ од 2021 година. Признанието за најдобра илустрација го доби сликовницата „Страшна ноќ“ на Наташа Андонова, работена по текст на Славко Јаневски, издание на „Темплум“. Признание за најдобар текст доби „Ведра“ на Јулијана Величковска, со илустрации на Марио Каев, издание на „ПНВ Публикации“. За најиновативно издание е прогласена „Ветерната приказна“, графичка новела по текст на Ника Гавровска, со илустрации на Наташа Андонова, издание на „Гаврош“, се наведува во соопштението.

Како што се додава, новинарката Ана Зафирова истакнала дека „Литера“ е на прагот на шестото издание и прераснува во зрел фестивал, што дава шанса за литературата за деца и за илустрацијата во нашата држава.

- Софија Семенпеева, идеен креатор на фестивалот им се заблагодари на гостите од Хрватска, илустраторите Доминик Вуковиќ, Николина Манојловиќ-Врачар и Бранка Холингсворт-Нара и рече дека се надева дека тие дома ќе однесат и парче од „Литера“. Таа им додели признанија и на децата што учествуваа на Летниот креативен камп на „Литера“ кој лани се одржа во Богданци, а чии дела беа изложени на фестивалот, пишува во соопштението.

Уметниците - добитници на признанија, биле пријатно изненадени.

- Наташа Андонова рече: „Останав без зборови. Има многу сликовници со одлични илустрации и сите може да бидат најдобри“. За Јулијана Величковска, признанието е стимулација. Таа се надева дека „Ведра“ ќе им се допадне и на многу други деца. Ника Гавровска рече дека која ја пишувала книгата, воопшто не мислела дека ќе влезе во категорија иновативно издание. За соработката со илустраторката Наташа Андонова, вели дека се нашле на интуинтивно, женско ниво. Ване Костуранов вели дека е предизвик да се направи добро дело, а задоволството е големо што „Невидлива куќа“ добива награди, се додава во соопштението.

Како што се истакнува, признанија за учеството на „Литера 2023“ добија и македонските илустратори Александар Иванов, Викторија Егорова, Гоце Илиевски, Калипои Трпчева и Сања Симоска, чии дела наесен ќе бидат изложени во Македонскиот културно-информативен центар во Загреб.

Фестивалот беше одржан со поддршка од Министерството за култура, Халкбанк, Ефектива, Органик нар, Умно.мк , Скопска пивара и други. бд/аа/

Фото: „Литера“

Остани поврзан