Литванија се повлече од меѓународната конвенција за касетна муниција
- Литванија денеска официјално се повлече од меѓународната конвенција за касетна муниција поради тековната руска инвазија на Украина, јави ДПА.

Вилнус, 6 март 2025 (МИА) - Литванија денеска официјално се повлече од меѓународната конвенција за касетна муниција поради тековната руска инвазија на Украина, јави ДПА.
Повеќе од 120 земји ја потпишаа конвенцијата, со која се забранува набавка, употреба и производство на ова оружје.
Парламентот во Вилнус во јули одлучи да ја повлече земјата од договорот на кој се приклучи во 2008 година.
Министерката за одбрана Довиле Шакалене рече дека повлекувањето на земјата не е само поради видовите оружје што Литванија има намера да го купи.
Во интервју за литванското радио, таа рече дека овој потег, исто така, има за цел да испрати „стратешка порака“ дека Литванија е подготвена „да искористи апсолутно сè“ доколку е потребно.
Касетната муниција се проектили и бомби кои експлодираат во воздухот над нивната цел, расфрлајќи многу мали експлозивни направи. Тие се контроверзни главно затоа што значителен дел од нив не детонираат и паѓаат на земја, каде што претставуваат закана за цивилното население.
Владата во Вилнус, сепак, смета дека касетната муниција е многу ефикасна одбранбена мерка. Исто така, се истакнува дека ниту една од земјите што граничат со Русија, освен Норвешка, не ја потпишала Конвенцијата за касетна муниција.
Литванија се граничи со руската балтичка енклава Калининград и со рускиот сојузник Белорусија. Ниту една од овие две земји не се приклучи на конвенцијата за касетна муниција.
Литванија смета дека војната во Украина е директна закана за нејзината национална безбедност. паг/
Фото: ЕПА