• сабота, 23 ноември 2024

Листа со 200 хулигани доставиле до Врховниот суд на Грција надлежните министри со цел справување со спортското насилство

Листа со 200 хулигани доставиле до Врховниот суд на Грција надлежните министри со цел справување со спортското насилство

Атина, 12 декември 2023 (МИА) – Надлежните министри за заштита на граѓаните и за спорт на Грција, Јанис Иконому и Јанис Вруцис до обвинителката во Врховниот суд во Атина, според грчките медиуми, доставиле листа со околу 200 лица за кои постои сомневање дека се хулигани и вмешани во спортско насилство, јави дописничката на МИА од Атина.

Двајцата министри доставиле докази и податоци во име на грчката Влада, побарале кривична надградба на сите случаи поврзани со спортско насилство со цел да се пронајдат физичките и моралните сторители во сите извршени дела и да се истражи евентуално постоење на криминални организации. 

Заменик-министерот за спорт Јанис Вруцис рече дека е симболичен потег што ја истакнува нивната решителност да ги употребат сите средства што ги имаат на располагање за да се гарантира безбедноста во спортските објекти.

-Информациите што ги поднесовме се однесуваат на реални случаи, кои покажуваат дека насилството на навивачите ги надминува границите на спортот и низ времето се поврзува со лица кои упатуваат на криминална организација, рече Вруцис.

Министерот за заштита на граѓаните Јанис Иконому истакна дека станува збор за сериозни докази и ќе помогнат во ефикасно и одлучно справување „со бандите на хулигани, но и оние кои, евентуално, ги толерираат или поттикнуваат“. 

Денешната средба на надлежните министри со обвинителката од Врховниот суд е во рамките на мерките на грчката Влада за справување со насилството во спортот и меѓу навивачите , кои вчера ги соопшти владиниот портпарол Павлос Маринакис, а доаѓаат откако минататa седмица тешко беше повреден полицаец за време на одбојкарски натпревар. ср/зс/

Остани поврзан