• среда, 25 март 2026

Лимани: Проблемот со превозот на ученици во Гостивар ќе треба да се решава заеднички со МОН

Лимани: Проблемот со превозот на ученици во Гостивар ќе треба да се решава заеднички со МОН

Гостивар, 12 март 2026, (МИА) – Една од компаниите кои вршат превоз на ученици во општина Гостивар бара да се исплатат заостанатите долгови, па ќе продолжи со транспортот, вели гостиварскиот градоначалник Ваљбон Лимани и посочува дека во надминувањето на состојбата ќе мора да се вклучи и Министерството за образование.

Тој на новинарско прашање околу проблемите со превозот на ученици оцени дека состојбата е неповолна. Еден од операторите ја прекинал услугата поради неплатени долгови кои општина Гостивар ги има кон нив.

- Наидуваме на препреки во начинот на финансирање од централната власт. Блок-дотациите што државата ги доделува во целост се трошат за платите на наставниците, а локалните самоуправи се принудени сами да ги покриваат останатите трошоци, како што се електричната енергија, греењето и превозот на учениците. Ова е сериозен финансиски товар, кој општина Гостивар ја чини повеќе од еден милион евра годишно, сума што локалниот буџет не може да го поднесе, изјави Ваљбон Лимани градоначалник на општина Гостивар.

Тој истакна дека во меѓувреме имало средби со одговорните во МОН и била разгледувана друга мерка, односно оптимизација на наставниот кадар. Лимани кажа дека тоа би значело отпуштање на значителен број наставници, решение кое тој го оцени како поболно од сегашниот актуелен проблем.

Градоначалникот Лимани посочи дека ќе продолжат со разговорите со МОН за да се најде решение кое ќе обезбеди превоз на учениците, без да се загрозат работните места на наставниците. Со проблеми во превозот најмногу се соочуваат учениците од градското подрачје кои учат во четири средни и четири основни училишта. Учениците од подалечните населени места засега користат превоз. згм/са/

Фото: МИА

Остани поврзан