• среда, 25 декември 2024

Лимани - Оздемир Ѓокташ: Северна Македонија и Турција се пријателски земји, поддршката и размената на искуства се од огромно значење

Лимани - Оздемир Ѓокташ: Северна Македонија и Турција се пријателски земји, поддршката и размената на искуства се од огромно значење

Скопје, 8 ноември 2024 (МИА) - Министерот за социјална политика, демографија и млади, Фатмир Лимани за време на дводневната посета на Турција, каде учествува на шестиот Меѓународен самит за жените и правдата, оствари  билатерална средба со министерката за семејство и социјални политики на Република Турција, Махинур Оздемир Ѓокташ.

Како што информираат од Министерството за социјална политика, демографија и млади, средбата на министрите била можност за разговор на одредени прашања кои се во надлежност на двете министерства, со размена на позитивни искуства кои би значеле подобрување на досегашните политики и пракса.

-Двете земји имаат долгогодишна соработка во областите кои ги покриваат, а потврда за тоа се склучените договори за соработка во областа на трудот, социјалната сигурност и вработувањето,  како и потпишаната Изјава за намера за соработка на полето на социјалната политика, каде што се опфатени прашањата поврзани со социјалните услуги за семејството, жените, децата, старите лица и лицата со попреченост, велат од Министерството за социјална политика, демографија и млади.

Македонија и Турција, додаваат оттаму, успешно го спроведуваат Договорот за социјално осигурување, со кој македонските и турски државјани ги остваруваат правата од здравственото осигурување и здравствената заштита, пензиското и инвалидското осигурување, каде се вклучени правото на старосна пензија, правото на инвалидска пензија, правото на семејна пензија, остваруваат право на осигурување во случај на несреќа на работа и професионална болест, право на осигурување во случај на невработеност и додаток за деца.

Министерот Лимани истакнал дека инвестирањето на Република Турција во Република Северна Македонија е од голема важност, земајќи предвид дека тоа ќе генерира и нови вработувања и подобрување на демографската состојба на државата. На средбата станало збор и за младинските политики кои Министерството ги опфаќа во насока на создавање на можности за младите и нивно задржување во земјата, како и инклузијата на ранливите категории на граѓани, децата, лицата со попреченост, Ромите. Притоа била нагласена важноста на семејството како основна клетка во општеството и оттука и важноста на политиките кои имаат за цел поддршка на семејствата.

Двете страни истакнале заложби за зајакнување на соработката, а тоа, според нив, ќе се потврди и со потпишување на нов Меморандум за соработка меѓу двете министерства за областите кои се во нивна надлежност. сст/дма/

фото Министерство за социјална политика, демографија и млади

Остани поврзан