Лимани: Една од најважните улоги на институциите е да обезбедат платформи за развој на младите
- Министерот за социјална политика, демографија и млади, Фатмир Лимани е во еднодневна посета на Република Косово каде учествува на панел дискусија насловена - „Улогата на институциите во развојот, зајакнувањето и вмрежувањето на младите“, во организација на Dreamin’ Kosovo во соработка со LDA Europe.
Скопје, 14 декември 2024 (МИА) - Министерот за социјална политика, демографија и млади, Фатмир Лимани е во еднодневна посета на Република Косово каде учествува на панел дискусија насловена - „Улогата на институциите во развојот, зајакнувањето и вмрежувањето на младите“, во организација на Dreamin’ Kosovo во соработка со LDA Europe.
На конференцијата, која имала неколку панел дискусии, присуствувале претставници на владини институции, локални заедници, меѓународни и граѓански организации, студенти, истражувачи, млади претприемачи.
На панел дискусијата министерот Лимани осврнувајќи се на улогата на институциите во развојот и зајакнувањето на младите порачал дека една од најважните улоги на институциите е да обезбедат платформи за развој на младите.
-Ова подразбира образование, обуки и програми кои ќе им овозможат на младите да стекнат знаења и вештини кои се потребни во современото општество и пазар на трудот. Постојат многу иницијативи како што се училишта за млади лидери, обуки за личен развој, психолошка поддршка и слично. Институциите треба активно да инвестираат во овие области за да се обезбеди квалитетно и инклузивно образование за сите млади, кажал Лимани.
Како што информираат од Министерството, тој посочил дека, покрај развојот на вештини, важно е младите да се зајакнат и ментално, како и да се охрабрат да станат проактивни во својата заедница. Во таа насока, институциите имаат задача да создадат услови за развој на самодовербата на младите, да ги поддржат во носењето на одлуки и да им овозможат достап до ресурси и можности.
Министерот зборувал и за улогата на институциите и за вмрежувањето на младите. Притоа се осврнал на значењето на Регионалната канцеларија за младинска соработка – RYCO, која има клучна улога во поттикнувањето и поддршката на процесите на регионална соработка на младите.
Оваа меѓувладина институција од нејзиното воспоставување 2016 година, до денес, овозможи над 60 000 млади да учествуваат во регионални и локални програми и активности имплементирани или поддржани од неа.
-Преку регионалните програми на RYCO, но и преку локалните активности на канцеларијата во Скопје, се овозможува поддршка на формалниот образовен систем - преку Регионалната шема за размена на училишта од Западен Балкан – Суперучилишта, креирање на позитивни социјални промени преку културата и уметноста, социјалното претприемништво и негова финансиска и менторска поддршка, рекол Лимани.
Во контекст на Северна Македонија – 45 училишта со повеќе од 600 ученици учествувале во регионални училишни размени, повеќе од 70 наставници биле дел од регионални обуки за зајакнување на нивните капацитети, 10 индивидуалци и здруженија на граѓани биле поддржани за зајакнување на културната соработка во Западен Балкан, а преку отворените повици за финансиска поддршка на организации кои работат со млади се поддржани над 20 организации и над 400 млади од Северна Македонија.
Денес младите учествуваат во креирањето и спроведувањето на политики преку Локалните младински совети на локално ниво и преку Националното советодавно тело на национално ниво, предвидени со Законот за младинско учество и младински политики.
Министерот посочи дека продолжуваат и имплементацијата на Младинска гаранција, Законот за практиканство и финансиска поддршка на младински организации.
Тој на крајот посочил дека, покрај обезбедувањето на правна рамка програми за развој на младите, јавните институции треба да работат и на зголемување на свеста за важноста на младинскиот сектор во општеството.
Лимани порача дека можностите за успешно креирање на иднината зависи од тоа што ќе им биде оставено на младите. сст/мд/