• четврток, 26 декември 2024

Лидерот на јужнокорејската опозиција е опериран и свесен по нападот со нож во вратот

Лидерот на јужнокорејската опозиција е опериран и свесен по нападот со нож во вратот

Сеул, 2 јануари 2023 (МИА) - Лидерот на јужнокорејската опозициска Демократска партија, Ли Џае-Мјунг, кој беше прободен со нож во вратот за време на посетата на јужниот град Бусан, е опериран, се опоравува на интензивна нега и е свесен.

Портпаролот на партијата Квон Чил-сеунг изјави дека Ли (59) бил опериран во Националната универзитетска болница во Сеул, каде што бил пренесен со хеликоптер веднаш по нападот.

Осомничениот, кој носел хартиена круна со името на Ли, му пришол и му побарал автограм додека Ли го обиколувал градилиштето на новиот аеродром со група поддржувачи и новинари. Потоа скокнал и го нападнал.

Квон рече дека лекарите се сомневаат дека е оштетена југуларната вена (таа оди од главата, надолу по вратот и во горниот дел на градниот кош).

Напаѓачот бил брзо совладан, а полициски функционер во Бусан рекол дека користел нож долг 18 сантиметри купен преку Интернет.

Тој додаде дека напаѓачот, чиј идентитет не го откри, е роден 1957 година и изјави дека мотивот се истражува.

Јужнокорејскиот претседател Јун Сукјул го осуди нападот.

„Вакво насилство никогаш не смее да се толерира под никакви околности“, рече тој. паг/

Фото: Х
 
 

Остани поврзан