• среда, 18 декември 2024

Лидерот на СОНК и претставници на Американската федерација на наставници на средба со Шаќири

Лидерот на СОНК и претставници на Американската федерација на наставници на средба со Шаќири

Скопје, 6 јуни 2023 (МИА) – Претседателот на  Синдикатот за образование, наука и култура (СОНК) Јаким Неделков и претставници на Американската федерација на наставници и на Солидарти центар (Solidarity Center) од САД денеска беа на средба со министерот за образование и наука Јетон Шаќири во рамки на посетата на американската делегација чија цел е соработка, помош и синдикална солидарност и размена на искуства во интерес на вработените во образованието.

Солидарити центарот е најголема меѓународна организација за заштита и унапредување на работничките права со седиште во САД, а Американската федерација на наставници е  втората по големина американска синдикална организација на наставниците. 

Министерот Шаќири изјави дека средбата е од голема корист како држава во развој која се стреми да го забрза процесот преку континуирано унапредување на стандардите и состојбите во сите сфери, вклучително да ги унапреди и работничките права, особено во областа на образованието. 

-Гостите ги информирав за реформите кои ги правиме во образованието, а кои имаат и компонента за подигнување на мотивацијата за работа и дигнитетот на наставниците, но и на стручниот кадар во училиштата.  Драго ми е што заедно со претседателот на СОНК потврдивме дека имаме исти цели, дека сме социјални партнери кои се залагаат за поквалитетно образование, за подобрување на условите за настава, а со тоа и за работа на наставниот кадар.  Потврдивме дека се залагаме за повисоки плати, за можности за професионален кариерен развој и токму во таа насока дискутиравме за креирање и усвојување  нови колективни договори во основното, средното и високото образование кои ќе ги решаваат прашањата за кои наставничката фела има забелешки и со тоа ќе ја зајакнеме најважната алка во воспитно-образовниот процес, изјави Шаќири.

На средбата, рече, ги слушнал искуствата во САД и верува дека тоа што го издвоиле и што може да се приспособи кај нас ќе биде вметнато во нашиот систем преку низ дијалог со СОНК како социјален партнер на МОН.

Претседателот на Синдикатот Јаким Неделков изрази задоволство што со двајцата потпретседатели на Американската федерација на наставници, која има над 1,4 милион членови под покровителство на Солидарити центарот од Америка, оствариле  работна средба со министерот за образование и наука и  поразговарале за актуелни теми од образованието. 

-Разговаравме за системот на образование во САД и соодветна корелација или споредба со системот на образование во Македонија околу реформските зафати коишто МОН ги прави во последно време за приближување на македонскиот образовен систем кон високоразвиените системи на образование, меѓу кои и образованието во САД, како и за наставниот и стручниот кадар којшто работи во образованието, нивната професионална едукација, унапредување во кариерата, зголемување на социјалниот статус на вработените во дејноста образование итн., рече Неделков.

Задоволен е и изрази благодарност што Американската федерација на учители и Солидарити центарот даваат, како што рече, огромна поддршка на СОНК.

-Врз основа на нивниот потенцијал што го имаат како синдикат, врз основа на тоа што едукатори од САД доаѓаат во Македонија и ни помагаат ние како Синдикат да прераснеме и на добар пат сме да израснеме во најдобриот синдикат на Балканот и пошироко и со нивна помош наставниците и сите вработени во образованието да го добијат заслуженото место во државата.  Благодарност до нашите пријатели од Америка и до министерот што одвои време за оваа работна средба да се оствари и многу работи да ги усогласиме, како и да се осознаат образовните политики во САД и во Македонија и да ги преземеме сите добри практики коишто ги има во Америка и да ги примениме кај нас, додаде Неделков. хс/аа/

Фото: МОН

 

Тагови

Остани поврзан