• сабота, 23 ноември 2024

Лидерот на најголемата опозициска партија во Турција вети отворање на нова, убава страница за својата земја

Лидерот на најголемата опозициска партија во Турција вети отворање на нова, убава страница за својата земја

Анкара, 23 јануари 2023 (МИА) - Турција треба да отвори нова, убава страница и од оваа причина лидерите на шест политички партии се обединија во сојуз, изјави лидерот на најголемата опозициска Републиканска народна партија, Кемал Кулчдароглу, пренесува „Хуриет дејли њуз“.

Тој вети брз економски и демократски развој на државата доколку опозицијата дојде на власт.

- Мораме да отвориме нова страница, убава страница. Главната цел на обединувањето на шесте лидери е оваа: ние сме заедно и бараме демократија. Сите сакаме да живееме во удобност, рече Кемал Кулчдароглу на настан организиран од општина во Анкара.

Во оваа шесторка се наоѓаат лидерот на најголемата опозициска Републиканска народна партија (НРП) Кемал Кулчдарголу, претседателката на „Добрата партија“ Мерал Акшенер, лидерот на Партијата за демократија и напредок (ДЕВА) Али Бабаџан, лидерот на Партијата на среќата Темел Карамолаоглу, лидерот на Демократската партија Ѓултекин Ујсал и лидерот на Партијата за иднината Ахмет Давутоглу.

- Подобро е политичарите да се помират и да престанат да се борат меѓу себе, рече Кулчдароглу, нагласувајќи дека е време Турција да стане многу поразвиена земја. Оваа земја треба да биде „земја на благосостојба“. Турција брзо ќе стане држава на благосостојба, каде ресурсите ќе се користат внимателно, а политичарите ќе одговараат за сите трошоци, рече тој.

Лидерот на НРП истакна дека главната одговорност на политичарите е да ги решаваат проблемите, а не да создаваат нови.

Кулчдароглу потсети дека 11 големи општини, вклучувајќи ги Истанбул, Анкара и Измир, се управувани од опозициски градоначалници.

Лидерот на Републиканско народната партија важи за еден од најсилните кандидати за претседател на опозициската алијанса, но се уште не е познато кога ќе биде објавена генералната кандидатура. Претседателските и парламентарните избори во Турција ќе се одржат на 14 мај. ссм/

Остани поврзан