• среда, 25 декември 2024

Лидерот на крајнодесничарската Алтернатива за Германија информира дека бројот на членови нагло се зголемил

Лидерот на крајнодесничарската Алтернатива за Германија информира дека бројот на членови нагло се зголемил

Берлин, 29 јуни 2024 (МИА) - Десно-популистичката партија Алтернатива за Германија (АфД) од почетокот на минатата година бележи силен пораст на бројот на членови, изјави потпретседателот на партијата, Тино Хрупала, на партиската конвенција на АфД, одржана денеска во Есен.

- Бројот на членови на АфД се зголеми за 60 проценти од почетокот на минатата година и сега изнесува 46.880, рече Тино Хрупала пред околу 600 делегати на годишната партиска конвенција на АфД што се одржува во западно-германскиот Есен.

Тој рече дека во тој период 20.000 граѓани станале членови на АфД. „Ова е неверојатен податок ако се земе предвид притисокот што мора да го издржите како член на АфД“, рече Хрупала. Тој, заедно со Алис Вајдел, денеска повторно беше избран за ко-претседател на партијата.

Големите „народни“ партии, Христијанско-демократската унија (CDU) и Социјалдемократската партија на Германија (SPD), имаат по околу 350.000 членови. Партијата на Зелените, според последните податоци, има околу 70.000 членови.

Вајдел и Хрупала укажаа на успесите на последните избори за Европскиот парламент кога АфД стана втора политичка сила во земјата и повикаа да се повторат овие успеси на изборите за парламентите во три источногермански сојузни покраини во септември.

Вајдел жестоко ја критикуваше работата на коалициската влада на Олаф Шолц, во која коалицираат социјалдемократите, зелените и либералите. „Германија ќе се самоуништи ако не го преземеме кормилото и не го укинеме ова 'woke' и хипи лудило“, рече Вајдел.

Почетокот на дводневниот конгрес беше одложен поради бројни протести во Есен. Неколку илјади демонстранти се обидоа да го спречат пристигнувањето на кандидатите на АфД до салата во која се одржува конгресот. ссм/

фото: ЕПА

Остани поврзан