• четврток, 26 декември 2024

Лидерот на израелската опозиција во посета на САД

Лидерот на израелската опозиција во посета на САД

Ерусалим, 7 април 2024 (МИА) - Лидерот на израелската опозиција Јаир Лапид синоќа отпатува за Вашингтон каде ќе се сретне со високи американски лидери, соопшти неговата партија.

Неговото патување во САД доаѓа во време на зголемена тензија и незадоволство кон Израел поради начинот на кој тој ја води војната во Појасот Газа, пренесе Бета.

За време на дипломатската посета на Вашингтон, Лапид треба да се сретне со високи претставници на американската администрација, вклучително и американскиот државен секретар, Ентони Блинкен и советникот за национална безбедност на Белата куќа, Џејк Саливан. 

Посетата доаѓа во време кога односите меѓу САД и нивниот најблизок сојузник Израел се затегнати поради конфликтот во Појасот Газа, каде Израел се бори против исламистичкото движење Хамас.

Шест месеци по почетокот на војната започната како одмазда за нападот на Хамас на 7 октомври, населението во Газа е на работ на глад, ситуација која предизвика големи реакции ширум светот.

Американскиот претседател Џозеф Бајден го предупреди израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху во четвртокот во телефонски разговор дека континуираната поддршка на САД, кои обезбедуваат голема воена помош за Израел, ќе зависи од мерките преземени за заштита на палестинските цивили во Газа. Бајден повика и на прекин на огнот.

Претседателот на САД во вторникот ја осуди смртта на седумте хуманитарни работници на американската невладина организација „Светска централна кујна“ во Газа, меѓу кои и шестмина странци, кои беа убиени во израелски напад. Израелската војска го опиша нападот како трагична грешка.

За време на посетата на Вашингтон, Лапид ќе се сретне и со лидерот на демократското мнозинство во Сенатот, Чак Шумер.

Шумер неодамна го поддржа повикот на Бени Ганц, шефот на воениот кабинет на Израел и главен политички ривал на премиерот Нетанјаху. мс/

фото: ЕПА

Остани поврзан