• среда, 25 декември 2024

Лидерот на германската опозициска ЦДУ, Фридрих Мерц, ја отфрли можноста за коалицирање со АфД во Саксонија и Тирингија

Лидерот на германската опозициска ЦДУ, Фридрих Мерц, ја отфрли можноста за коалицирање со АфД во Саксонија и Тирингија

Берлин, 4 септември 2024 (МИА) – Лидерот на германската опозициска партија Христијанско-демократска унија (ЦДУ),  Фридрих Мерц, денеска ја отфрли можноста за соработка со Алтернатива за Германија (АфД), неколку дена откако оваа екстремно десничарска партија ја изненади земјата со рекордни резултати на двете регионални гласања, јави ДПА.

-Нема да има коалиција со АфД, нема соработка со АфД, изјави Мерц во интервју за ДПА, дадено вчера во Берлин.

На гласањето во неделата во источногерманската покраина Саксонија ЦДУ тесно ја победи АфД, и беше само втора, зад АфД, во соседна Тирингија. 

ДПА јави дека за првпат по поразот на нацистите во Втората светска војна, екстремно десничарска партија победи на избори во една провинција на Германија.

Политичарите во двете провинции сега се соочуваат со повеќенеделни тешки преговори околу потенцијалните коалиции, при што сите партии веќе отфрлаат договори со АфД.

Новите влади и во Саксонија и во Тирингија најверојатно ќе се потпрат на поддршката и од ЦДУ и од новоформираната „Алијанса Сара Вагенкнехт“ (АСВ), која се противи на воената помош за Украина и распоредувањето американски ракети во Германија.

Мерц ја нарече новата партија „во голема мера непозната големина“ за ЦДУ, велејќи дека неговите колеги сега ќе испитуваат дали пратениците на АСВ се „подготвени да учествуваат во формирање разумна влада“.

Коалициските разговори, меѓутоа, би можеле дополнително да се комплицираат со долгогодишното спротивставување на ЦДУ на тврдокорната партија Левица, наследничка на поранешната владејачка партија во комунистичка Источна Германија. Самата Вагенкнехт беше високо позиционирана членка на „Левица“ пред да ја формира својата партија.

Партијата Левица и натаму е силна во Тирингија и би можела да биде клучна во задржувањето на АфД надвор од власта, но Мерц изјави дека одбивањето на ЦДУ да работи со АфД „се однесува и на левицата“. сд/

фото;МИА архива

Остани поврзан