• петок, 27 декември 2024

Лидерите од Западен Балкан ги потпишаа декларациите за заеднички регионален пазар и за зелената агенда 

Лидерите од Западен Балкан ги потпишаа декларациите за заеднички регионален пазар и за зелената агенда 
Софија, 10 ноември 2020 (МИА) - Лидерите на земјите од Западен Балкан, учесници на Самитот во Софија во рамките на  Берлинскиот процес, денеска ги потпишаа Декларацијата за заедничкиот регионален пазар за подлабоката регионална економска интеграција, што е чекор кон единствениот пазар на ЕУ, и Декларацијата за зелената агенда, кои се изработени и усогласени во годината кога со процесот кодомаќини се Северна Македонија и Бугарија. Во Декларација за заедничкиот регионален пазар, се вели во соопштението од владината Прес-служба, обединувачката заложба е трансформацијата на регионот во склад со правилата и стандардите на ЕУ, а со цел да се зајакне конкурентноста на регионот за да се приближиме до стандардите на единствениот пазар на Унијата. За ова на Самитот во Софија е донесен и Акциски план со конкретни чекори кои на регионалниот пазар ќе му обезбедат да се интегрира во ланците на европскиот и светскиот пазар. - Во поддршка на реализацијата на оваа цел клучна улога има сеопфатниот Економски и инвестициски план за Западен Балкан за проекти во производните сектори и одржливата инфраструктура, како неопходен придонес за да се дефинира заедничката иднина на регионот во ЕУ за просперитет на граѓаните и компаниите, кои се залагаат да ги уживаат истите слободи како компаниите и граѓаните во Европската унија, се вели во владиното соопштение. Декларацијата за зелената агенда за Западен Балкан има за цел да оствари јаглеродно неутрален континент до 2050 година, заедно со ЕУ, преку воведување во главните текови на строги климатски политики и преку преземање реформи на енергетскиот и транспортниот сектор. Со Декларацијата, на која се обврзаа лидерите од регионот, се предвидува и деполуција на воздухот, водата и почвата во Западниот Балкан како заеднички интерес и на земјите од регионот и на ЕУ. - Оваа декларација го опфаќа и земјоделието за имплементирање на политики за минимизирање на неговото негативно влијание врз животната средина и врз климата, како и за обезбедување на здрава храна по пристапни цени за граѓаните од земјите на Западниот Балкан и извозните пазари, информира владината Прес-служба. Земјите од Западен Балкан со декларацијата ги прифаќаат и европските политики за долгорочна стратегија за запирање на губењето на биодиверзитетот, заштита и обновување на еко-системите и биолошки диверзитет за што се предлагаат серија активности. Учесниците на лидерскиот Самит на земјите од Западен Балкан во рамките на Берлинскиот процес денеска во Софија во завршницата на настанот го усвоија документот „Заклучоци на ко-домаќините“, кој се усвојува после секој Самит од овој процес во кој, меѓу другото, на Република Северна Македонија и на Република Бугарија им е оддадено високо признание за спроведувањето и организацијата на сите настани во текот на оваа година во која првпат со процесот претседаваа две земји, една членка на ЕУ и една држава кандидат за членство. - Во прифатените „Заклучоци на ко-домаќините“ сите лидери на Самитот, земјите од Западен Балкан и нивните партнери од ЕУ, се согласија дека идејата за заедничко домаќинство, која за прв пат е применета во рамките на Берлинскиот процес претставува јасен сигнал за зајакнатата регионална сопственост на процесот и дополнително ги зајакнува напорите насочени за политичка и социо-економска конвергенција и кохезија на земјите од регионот и на регионот во целина со ЕУ, информираат од Владата. Потпишувањето на Декларацијата за заедничкиот регионален пазар за подлабоката регионална економска интеграција и за чекор кон единствениот пазар на ЕУ, и Декларацијата за зелената агенда, се вели во соопштението, го поздравија и бугарскиот премиерот Бојко Борисов и гермнската канцеларка Ангела Меркел. аа/сп/ https://youtu.be/JjbxQeJDTqY

Остани поврзан